Ниту се гледа давање ниту земање пари, рече адвокатот на Катица Јанева, Дељо Кадиев, во своите завршни зборови во случајот „Рекет“, коментирајќи ги фотографиите и кратките снимки од телефонот на Бојан Јовановски-Боки 13, каде што се гледа Јанева како седи на тросед во нејзината дневна соба, а на масичката пред неа има снопче со пари.
-Ако се незаконски пари, обвинителството било должно да ги одземе, а нема потврда за одземање пари од домот на Јанева. Обвинителството тврди дека таа примила износ од 50.000 евра. Како успеа да ги преброи банкнотите? Од овие фотографии и таканаречени клипови не може да се види каков било акт, ниту на давање ниту на земање пари, а и самиот видеоклип не потврдува такво нешто преку тонскиот запис. Колку што може обвинителството да претпоставува дека Бојан ѝ дава пари, сосема оправдано е ние да тврдиме дека таа му дава пари нему, рече Кадиев, пренесе „360 степени“.
Тој додаде дека овие пари не се најдени, ниту вештачени, а од фотографијата не можат да се пребројат.
Кадиев истакна дека обвинителството немало ниту доказ за парите на бизнисменот Орце Кaмчев, за милионот евра, односно не приложило изводи од банка.