Каде завршиле парите од Венецуела што се слеале во Македонија преку Еуростандард?

by fokus

Речиси 110 милиони евра на почетокот на 2019 година пристигнале од Венецуела во Македонија преку Еуростандард банка, земја чии функционери со години се под финансиски санкции, открива извештајот за пропаѓањето на Еуростандард банка.

Информацијата за парите од Венецуела прво можеше да се прочита во соопштението што го испратија оштетените штедачи како реакција на извештајот што го презентираше мнозинскиот сопственик на Еуростандард, Трифун Костовски.

Од овие пари 10 милиони евра останале во Македонија и завршиле кај омилени клиенти на банката, но кои се тие не се открива.

-Истрагата потврдува и дека Еуростандард банка воспоставила деловни односи со нерезидентни клиенти осомничени за перење пари. Па така, во првите три квартали од 2019 година, клиенти од Венецуела биле ангажирани во трансакции во вредност од 110 милиони евра, од кои 10 милиони евра биле дадени во форма на заеми на најекспонираните клиенти во Еуростандард банка, се велеше во соопштението.

Потоа истиот пасус се најде и во извештајот, но имаше и други информации дека тогашниот генерален директор Николче Петкоски, претседавач на Управниот одбор, отпатувал за Венецуела за да преговара за заем од 17 милиони евра за ГОФИ, коj би се користел за докапитализација на ЕСБ, но не усепал да ги добие парите.
Костовски во изјава за „Фокус“ вели дека не бил информиран за овие трансфери.

– Бев запознат во моментот кога почна хајката за овие трансфери! Венецуела и официјално никогаш не била ставена на црната листа во македонските банки, така бев информиран од тогашното раководство, а за парите кои останале во Македонија воопшто немам никакви информации, ни изјави Костовски.

Тој не упати овие прашања да ги поставиме на тогашниот генерален директорт на Еуростандард банка, Николче Петкоски.

– Никогаш не сум дал согласнот во банката да се работи надвор од законот за банки и процедурите кои важат за Македонија, додава Костовски.

Го контактиравме и Петкоски, но тој не одговори на нашите прашања.

Костовски на прес-конференција со еминентни странски експерти од банкарскиот сектор кажа дека Еуростандард банка била само алка во синџирот на шема меѓу банките за незаконско финансирање на чело со Комерцијална банка.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости