Каде завршија екс пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои гласаа за уставните измени?

by Fokus

Дел од седумте поранешни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои подоцна станаа независни повторно добија функции, додека дел од нив се вратија на старата професија, која ја извршуваа пред да седнат на пратеничките столчиња.

Станува збор за независната пратеничка група, меѓу кои беа Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Нола Исмајлоска – Старова, Елизабета Канческа- Милевска, докторите Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои пред четири години, поточно во 2018 година во Собранието гласаа за уставните измени, со што се промени името на државата во Северна Република Македонија.

Со одлука на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тие експресно беа исклучени од партијата, со што во наредните две години до последните парламентарни избори делуваа како независни пратеници.

Една од нив, Нола Исмајлоска- Старова пред речиси две години стана Национален координатор за регионална соработка и европски интеграции во Владата, во тој период предводена од Зоран Заев.

Таа во изјава за „Фокус“ потврди дека се уште е на истата функција и ни објасни што всушност е нејзината работа.

„Како НК вклучена сум во подобрување на регионалната соработка на Република Северна Македонија, како и важен аспект и од европската интеграција. Подобрената и поефикасна регионална соработка  значи подобро позиционирање на нашата држава, но и подобри услови за нашите граѓани.

 

Исмајлоска додава дека активно е во комуникација со кабинетите на Владите на земјите од регионот, каде што разменуваат идеи, ја интензивираат соработката и имаат конкретни резултати.

 

Преку координација на работата на експертските групи кои досега се дел од Отворен Балкан веќе можеме да зборуваме и за бенефитите од постигнатите договори (взаемна помош во случај на природни катастрофи, олеснет и побрз транспорт, признавање на ветернарните сертификати меѓу трите држави, моментално се финализираат протоколите за слободе пристап до пазарот на труд…“истакна Исмајлоска.

Како што веќе објави „Фокус“, поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова  пред две недели стана регионален началник за АНБ на Берово и Делчево.

Александрова во јавноста уште е позната и како роднина на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој десет години управуваше со УБК.

Исто така, во истата екипа на независни пратеници влегува и екс пратеничката Елизабета Канческа -Милевска, која е обвинета во случајот „Тендери“. Во предметот како првообвинета се води поранешната министерка за култура за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

„Фокус“ се потруди да дознае со што во моментот се занимава Канческа-Милевска, но никој немаше одговор на нашите прашања.

На истата листа може да се најде и името на  Зеќир Рамчиловиќ, кој се најде и во најновиот собраниски состав, каде се уште делува како независен пратеник.

Тука е интернистот  Сашо Василевски, кој според нашите сознанија се вратил на својата лекарска професија.

Ирена Мулачка

 

 

 

 

 

Поврзани новости