Каде почнува животот?

by Fokus

Пишува: Иво Рангеловиќ

Да речеме дека оваа колумна не е рецензија на сработеното и покрај сугестивниот наслов.

Изборите завршија, еуфоријата ќе заврши, каде и да е. При тоа да напоменам дека ѓубре и тротоари се локална тема, не политика. Партиите се главна вариабла на локални, додека ликовите се суштински маргинални. Но, постои една елегантна поука, поточно фундамент на секоја голема победа по било какви избори, а тоа е дека поданиците го чинат кралот. Овојпат, уште поважно е дека најгласните поданици не се од „обичниот свет“, туку од идејниот круг на извршната власт. Де факто или де јуре, сеедно.

Овие експерти (фала богу) не го креираат мислењето на јавноста, но му даваат некаков облик и некаков правец. Го понесуваат. Постои еден сегмент кој ме загрижувa во целата оваа работа. Ме загрижува нивната жед за реваншизам и деструкција на сè она што го идентификувавме со Груевизмот, кој и онака оди кон заслужен заборав. Колумните во последниов период наликуваат на класична монокултура. Се сее едното исто семе на омраза и реваншизам. Се води битка за тоа кој поумешно ќе ја продаде идејата да се срушат спомениците (давајќи им метафизичка димензија), да се срушат барокните градби, да се пуши внатре или надвор и многу други обиди да се креира анти-вмровска реалност.  Дел од водечката интелегенција на социјал-демократијата, или во најмала рака на СДСМ, е заглавена во волјата за реваншизам. Многу е извесно дека монокултурата на реваншизмот ќе го попречи враќањето на вредностите, ќе ја попречи реализацијата на флоскулата „живот“. И да не заборавиме дека секое рушење, како и градење, сносува културно-политички импликации. Станува дел од колективното CV на овој народ, го сакале тоа ние или не.

Говорам за оние поданици затруени со омраза. Оневозможени да ги артикулираат сопствените идеи. Ги приоретизираат нивните предаторски инстинкти, заборавајќи дека живот е анти-теза за деструкција. Пренаивно би било да кажам дека рушењето споменици ќе чини повеќе од градењето нa еден центар за аутизам, пример нели? – Но е политички поисплатливо, се разбира. Дали тоа ги прави поданиците поголеми социјал-демократи од оние кои имаат аверзија за рушење (па и пушење)?

Токму тука е местото на тезата на оваа колумна. Би се сетиле ли на онаа изјава на поранешниот државен јавен обвинител, Александар Прчевски, некаде по превземањето на функцијата од Ставре Џиков, ако не се лажам. Тој изјави: „Јас сум последниот будала во оваа држава“. Брилијантна изјава за една политичка нус-појава во перспектива. Оваа изјава крие поширока елаборација, но си давам за право да ја искористам како теза. Следи накусо нејзината суштина.

Сметам дека политичката мисла многу заостанува зад потребите на земјава и на тоа треба да се стави крај. Премиерот Зоран Заев го има последниот збор, но и најголемата одговорност. Мислам дека е политички мудар за да го издвои ветуваниот живот во една друга согледба. Животот треба да е тема од наднационална природа и да се концептуализира низ призма на Европа и светот. При тоа, не смее да се дозволи јавниот дискурс да се сведе на споменици. Не затоа што спомениците се релевантна компонента на секојдневието, туку едноставно поради тоа што животот треба да му се овозможи и на граѓанинот кој се поклонува пред истите. Кредибилно прашање би било дали кралот ќе дозволи неистомисленици, овојпат? Или пак граѓанинот повторно ќе биде принуден да избере помеѓу колаборација или мрак?

Ако ја апстрахираме улогата на омраза и реваншизам (која ја чинеше и анти-комуњарската атмосфера изминативе 11 години), лесно ќе заклучиме дека луѓето гласаа за живот, кој ќе ги заузди тие опасни матрици. Народот е политички поделен, но и раселен како никогаш досега. Се поевидентен е и судирот на генерации, во кој постарите непромислено ја бранат, а нивните внуци одлучно ја напуштаат оваа држава. Тие се уморни од напливот на квази-патриотски догми и решаваат да се идентификуваат со светот. Ирелевантно од тоа дали така треба, светот се менува пред нашите очи, додека дома патриотската хипокризија се дави во сопствената кал.

Згодна паралела на тоа што значи да се идентификуваш со светот е и концептот на “shared history” кој е задскриен темел на договорот за добрососедство со Република Бугарија. Категорично тврдам дека животот ѕирка во ваквите договори, пред сè, поради фактот што ретерира од омразата и реваншистичките индиции. Уште поважна е џентлменската порака која ја препочита овој договор, која е воедно и феномен во меѓународните односи. Да се подаде рака за заемно разбирање и славење на историски моменти и личности е тежок испит за демократии во развој. Сепак, реалноста е дека земјите ги бираат своите пријатели, но не и своите соседи.

На крајот на денот, пиларите на животот и секоја промена низ истиот почнуваат од нас, граѓаните. Не постои ниеден Заев на овој свет кој ќе го исчисти ѓубрето на улиците или ќе нѐ научи да кажеме „добар ден“. Омразата и реваншизмот не се, и никогаш не биле, рецепт за еволуција на цивилизирано општество. Колективната самосвест не смее да им робува на ваквите илузорни идеологии, кои се поткрепени со сопствени интереси. Животот почнува во моментот кога владата ќе нѐ натера да заборавиме на спомениците и што тоа беше режим. Да заборавиме кој е претседател, а кој премиер.

Авторот е Магистер по компаративна политика при Универзитетскиот Колеџ Лондон. Дипломиран политиколог и економист при Бостонскиот универзитет.

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости