Каде паѓа одговорноста за паднатиот таван во градинката?

Фокус открива дека пред да избере изведувач за градинката во Тафталиџе, Општина Карпош склучила договор за надзор со фирма што го вршела надзорот и при изградбата на новата општинска зграда, за што Јакимовски заработи кривична пријава, а надзорниот инжинер доби двегодишна условна затворска казна.

by Фокус

Каде лежи одговорноста за урнатиот плафот во детската градинка во Тафталиџе, што помина само со материјална штета и без човечки жртви поради среќната околност таванот да падне за време на викенд, кога немаше деца во детската занимална?

Актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, за време на денешниот увид во градинката „Мајски Цвет“ истакна дека извршил консултација со експерти, при што, посочи тој, биле констатирани низа недостатоци при изведбата на таванот.

Конструкцијата на шините е констуркција за ѕид, а не за кров. Секоја табла требало да биде поставувана на 4 до 5 шини, а овде е поставувана на 3. Втората причина е што штрафовите се премногу набивани при што практично овој слој на хартија кој ја држи гипс-картонската конструкција е пробиен. Третата причина е што местењето на таблите не се одвивало според систем, лепени се цели плочи… – рече Јакимовски.

Тој посочи дека на сосема мал дел од плочата натежнала вода, па целата конструкција се срушила како кула од карти. Затоа, Јакимовски најави дека ќе побара вештачење и дека ќе обезбеди дополнително експертско мислење, пред да се премине на санација на објектот.

Се плашам да не ни се повтори ова, да не ни падне поголем дел од кровот и да биде повредено некое дете. Може да ни падне цел таван од оваа градинка направена во 2019 година. Ќе побарам измени во буџетот и под итно овој објект да биде саниран според предлози на стручните лица – најави Јакимовски.

Споменувајќи ја годината кога овој објект е изграден, актуелниот градоначалник на Карпош практично индиректно упатува кон неговиот претходник Стефан Богоев, кој беше градоначалник во тој период кога е завршена изградбата на градинката.

Богоев потврдува дека објектот е започнат и реализиран за време на неговиот мандат, меѓутоа, како што нагласува, целата постапка веќе била завршена кога дошол на чело на општината, односно за време на неговиот претходник и воедно наследник – Јакимовски.

Тендерската постапка за избор на изведувач беше завршена претходно, за време на претходниот мандат на Јакимовски – посочува Богоев, додавајќи дека, според него, уривањето на кровот е комбинација од лоша изведба, но и неодржување.

Сепак, според него, одговорноста главно треба да се лоцира во надзорот на градежните работи, чија задача, објаснува тој, е да контролира како се реализира градбата, дали се почитува проектната документација и издаденото одобрение, и на крај да стави потпис ако се запазени сите параметри и стандарди.

ШТО ВЕЛАТ ОФИЦИЈАЛНИТЕ ПОДАТОЦИ?

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Општина Карпош склучила договор за изградба на детска градинка Мајски Цвет во населба Тафталиџе 2 во втората половина на 2017 година, во период кога се одржуваа изборите на кои дојде до промена на локалната власт.

Притоа, договорот е склучен со компанијата „Инженеринг-Гроуп“ од Желино во вредноста од 10 и пол милиони денари или 4 милиони денари помалку од проценетата вредност на набавката. Цената е спуштена во рамки на електронска аукција, на која избраната компанија понудила најниска цена во конкуренција на уште 5 компании.

Инаку, оваа градежна компанија формирана во 2009 година добила голем број на тендери во изминтиве години. Во таа насока, фирмата соработувала со Агенција за вработување, Министерството за образование, општините Арачиново, Желино и други на проекти поврзани со изградба и реконструкција на објекти, велосипедски патеки, водоснабдителени системи…

Што се однесува до надзорот, според официјалните податоци, Општина Карпош кон крајот на 2016 година склучила договор со „Карапанчевски Компани“ времетраење од една година за стручен надзор над реконструкција на основни училишта и реконструкција и изградба на градинки, во вредност од 350.000 денари.

Она што е интересно за оваа компанија, формирана во 2007 година, е тоа што го вршела надзорот и врз изградбата на општинската зграда на Карпош пред десетина години, за што Финансиската полиција во 2018 година поднесе кривична пријава против Јакимовски и повеќе други лица.

Имено, Јакимовски и вработени во општината се товареа за злоупотреба на службената положба и овластување, додека пријава за бесправно градење заработи Ј.К., надзорен инженер во „Карапанчевски Компани“ (надзор), како и А.М., одговорно лице во правното лице „Алконпроект Тетово“ (изведувач).

„Првопријавениот Јакимовски во тек на 2012 и 2013 година спротивно на Законот за градење, без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација во име и за сметка на Општина Карпош изградил две бараки наменети за општинската администрација. Потоа, поднел барање за легализација кое лично го потпишал, но бараките не можеле да бидат предмет на легализација затоа што се изградени по стапување во сила на Законот за легализација.

Ј.К., пак, во својство на надзорен инженер во „Карапанчевски Компани“, ангажиран од општина Карпош за вршење стручен надзор, во тек на 2012 и 2013 година согласно со член 36 од Законот за градење бил должен да врши проверка над изградбата дали е во согласност со основниот проект и одобрението за градење и да го запознае инвеститорот и надлежниот градежен инспектор за утврдените недостатоци или неправилности констатирани во тек на градбата и да ги забележи во градежниот дневник.

Спротивно на Законот за градење, надзорниот инженер вршел надзор над демонтажата и изградбата на општинските бараки без одобрение за градење, потпишал градежен дневник, градежна книга и времена ситуација“ соопшти тогаш Финансиската полиција.

УСЛОВНА ОСУДА

Веќе во следната 2019 година, Обвинителството за организиран криминал соопшти дека надлежен обвинител постигнал спогодба со 5 лица по поднесувањето на обвинителниот акт за споменатиот случај, а еден од оние кои признале вина е одговорното лице во надзорот „Карапанчевски Компани“, по што тој добил двегодишна условна затворска казна.

Обвинетиот Ј.К. како надзорен орган во правното лице „Карапанчевски Компани“, во име и за сметка на правното лице, како надзор, спротивно на одредбите од Законот за градење, без Одобрение за градење, на инвеститорот, вршел надзор на градба деловен простор-административен објект на локалната самоуправа. Со своите дејствија обвинетиот сторил кривично дело Бесправно градење“, информираа од Обвинителството.

Во меѓувреме, оваа компанија продолжила да добива тендери за вршење на стручен надзор, па така во изминативе две години соработувала со Карпош, Велес, Куманово и други општини и институции, за вршење на надзор при изградба на објекти и патишта, урбана опрема, зеленило и хортукултура…

Влатко Стојановски

Поврзани новости