Додека светот е во паника поради ширењето на коронавирусот, познатиот луксузен моден бренд ,,Фенди” од Италија ја лансираше својата најнова колекција Пролет/Лето 2020, каде најмногу внимание привлече брендираната заштитна маска.
Изработена од свила, со логото на компанијата, истата се продава онлајн по цена од околу 190 евра – информираат медиумите од регионот.
Според објавите, маската можела да се купи преку страницата Luisa Via Roma, а поради големиот интерес, моментално била распродадена.
Сепак, заштитната маска не може да се најде на официјалната страница на ,,Фенди” и покрај тоа што веста за лансирањето на овој производ е објавена во голем број на медиуми и наиде на голема осуда од страна на јавноста.
Како потсетување, ,,Фенди” е првата модна компанија во светот која што одржа модна ревија во Кина, на Кинескиот ѕид, на писта долга 88 метри, пред околу 13 години. Со седиште во Италија, има голем број на продавници ширум светот, а врши и онлајн продажба на своите луксузни производи.
Во Италија од коронавирус починаа седум лица, а 220 се заразени. Во Рим денес ќе се одржи состанок на министрите за здравство на Италија, Словенија, Австрија, Германија, Франција и Швајцарија посветен на сузбивање на новиот коронавирус.
Вики Клинчарова