Каде „исчезна“ сопругата на Иванов, Маја шест месеци не се појавила во јавност

by Fokus
Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова (53) веќе подолг период е отсутна од јавната сцена.

Ако во минатото беше позната по тоа што беше вклучена во голем број на активности од социјален, образовен, здравствен и хуманитарен карактер, иницијатор и покровител на разни проекти и кампањи, таа веќе шест месеци апстинира од јавни појавувања.

Како потсетување, последен пат сопругата на претседателот Иванов јавно се појави во Барселона, каде беше наградена со златен медал на форумот Кран Монтана, за нејзините активности, проекти и иницијативи од хуманитарен карактер, а наградата и беше врачена на церемонија во рамки на 28 годишната сесија на форумот. Тогаш истакна дека како сопруга на претседателот презела повеќе активности, бидејќи почувствувала дека своето знаење и енергија може да ги искористи за реализација на иницијативи кои ќе бидат општествено корисни.

,,Активностите што како сопруга на претседателот на Република Македонија ги преземав, се во областа на здравството, образованието и имаат социјален, но пред се хуманитарен карактер. Кога мојот сопруг ја презеде функцијата, почуствував дека можам да ја насочам својата енергија и своите активности, моето знаење и мојот ентузијазам за да поддржам, за да потикнам или реализирам иницијативи кои што ќе бидат за општо добро. Мојата цел ја насочив кон две сфери и тоа кон активности кон жените и кон децата, а посебно кон онаа најранливата категорија на децата со посебни потреби и со аутизам. Вложивме многу напори, многу иницијативи ги преточивме во проекти кои добија своја реализација’’ – потенцираше пред шест месеци Иванова.

Пред осум месеци пак, на нејзина покана во земјава во дводневна посета дојде принцезата од Тајланд, Маха Чакри Сириндорн, со која размениле мислења и идеи за соработка. Пред девет месеци заедно со нејзиниот сопруг беше на Глобалниот самит во Азербејџан, а во фебруари годинава имаше свое обраќање на првиот Глобален самит на жени лидери 2017. Во јануари беше покровител на традиционалниот хуманитарен концерт ,,Божиќ – слава’’ на хорот ,,Света Злата Мегленска’’ во православната црква ,,Пресвета Богородица’’ во Скопје, а една недела пред тоа, на децата кои ноќта ја минуваат во Клиниката за детски болести, традиционално по шести пат им подели Новогодишни пакетчиња.

Под покровителство на динамичната Иванова во Скопје беше отворен Центар за сензорна терапија на деца со аутизам, ја предводеше и националната кампања за отворање на првиот Ургентен центар на Детската клиника, прв од таков вид во Република Македонија и регионот, беше покровител на повеќе проекти и иницијативи кои се однесуваат на жените, нивните права и женското здравје, меѓу кои се розевите кампањи, посветени на борбата против ракот на дојка.

Со оглед на нејзините чести појавувања помеѓу народот и разни активности, изненадува тоа што врачувањето на медалот во Барселона беше на некој начин нејзино последно појавување во јавност годинава, и цели шест месеци првата дама на Македонија живее повлечен живот. Нема информација дали годинава ќе продолжи традицијата со доделување на Новогодишни пакетчиња на Клиниката за детски болести, нешто што Иванова го практикуваше шест години по ред.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости