Покрај економските и воените санкции по руско-украинскиот конфликт, некои земји се обидуваат да воведат еден друг вид на санкции против Русија, каде е замешана културата, литературата, спортот, социјалните мрежи и секако медиумите.
Неодамна, руската Раша Тудеј беше симната од листата на канали од страна на кабловските оператори во земјава, како последица од санкциите изречени од страна на ЕУ и другите западни сојузници кон Русија поради воената инвазија врз Украина.
Иако оваа телевизија повторно може да се гледа во земјава на некои оператори, кои само ја префрлија на друг канал, факт е дека случувањата во Украина по инвазијата од Русија го вознемирија целиот свет, кој се обидува да даде удар кон Русија преку воведување на санкции кон оваа земја, со цел економска нестабилност и прекинување на војната.
Но, и Русија не остсна должна, возврати со многу забрани, а најдраматично за Рудите беше затворањето на Мекдоналдс.
Русија во медиумска војна со западот
Руските власти ја продолжија пресметката со независните медиуми и сопствените граѓани откако во еден ден ги забранија социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, како и странските медиуми Дојче веле, Гласот на Америка, БиБиСи, Слободна Европа и други.
Откако го блокираше пристапот на руските граѓани до Фејсбук, беше блокиран и Твитер кој претходните денови и онака беше тешко пристапен за руските граѓани. Руската агенција за државни комуникации Роскомнадзор претходно бараше од Твитер да избрише содржини кои се забранети од властите во Москва.
На почетокот на месецот беа затворени и два од трите преостанати домашни независни медиуми, телевизијата „Дожд“ и радиото „Ехо Москва“.
Со новиот закон кој го потпиша Путин ќе се казнуваат со повеќегодишни затворски казни сите кои ќе шират „лажни“ информации за руски војници, ќе ја дискредитираат руската армија или ќе повикуваат на санкции против Русија.
Москва официјално ја нарекува инвазијата врз Украина „воена операција“ и веќе им забрани на медиумите да користат термини како „напад“ или „инвазија“.
Законот ќе важи и за ширење „неточни информации за гранатирање на украински градови и смрт на цивили во Украина поради акциите на руската армија“.
Забрана за руските медиуми „Раша Тудеј“ и „Спутник“
Европскиот совет на почетокот на март соопшти дека се забранува емитувањето на руските медиумски институции „Раша Тудеј“ и „Спутник“ се додека не заврши „рускиот напад врз Украина и манипулацијата со информации со дезинформација против ЕУ“ институции „Раша Тудеј“ („Russia Today“) и „Спутник“ („Sputnik“), односно да емитуваат програми внатре во Европската унија (ЕУ).
Европскиот совет соопшти дека се забранува емитувањето на руските медиумски институции, вклучувајќи ги и нивните емисии на англиски, германски, француски и шпански јазик, се додека не заврши „рускиот напад врз Украина и манипулацијата со информации со дезинформација против ЕУ“.
Владата во земјава неодамна излезе со препорака за прекин на реемитувањето на „каналите во кои како основач се јавува Руската Федерација или приватни, физички или правни лица со потекло од Руската Федерација“.
По препораката на Владата, „Телеком“ престана да ја реемитува РТ, но по некој ден овој канал беше повторно достапен во понудата на овој оператор. Сега одново е прекинато реемитувањето на рускиот канал.
Руските книжевници и композитори „банирани“ во светот
Универзитет од Милано реши да ги суспендира предавањата за великанот на руската книжевност, Фјодор Достоевски, со образложение „да се избегне полемика во овој тежок момент на напнатост“.
Велика Британија ги откажа настапите на Рускиот државен балет на Сибир, Кралскиот московски балет и Балетот „Бољшој“, а диригентот Валери Гергиев, истакнат поддржувач на Путин, беше отпуштен од Минхенската филхармонија.
Американскиот конгресмен Ерик Свалвел, поранешен кандидат за претседател, повика да се исфрли „секој руски студент од Соединетите Американски Држави“, што го повтори и британскиот пратеник Роџер Гејл, кој рече дека сите Руси кои живеат во Велика Британија треба да бидат „испратени дома“.
Во Македонија на 4 март беше откажан концертот на руски романси во НОБ, со образложение поради настанатата состојба во Украина, каде неколку градови се срамнети со земја.
-Последните вести од Украина го загрижуваат целото човештво. За никого ова не е време за романси. И уметноста е порака, затоа никој не смее да дозволи таа да биде извалкана. Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана, соопштија тогаш од Министерството за култура.
Меѓународни забрани за рускиот спорт и забава
Рускиот спорт и забава продолжуваат да ги чувствуваат последиците од глобалното противење на руската инвазија врз Украина, поради тоа што се зголемува бројот на забранети руски спортски тимови и изведувачи и се откажуваат настани.
Откажана трката на Формула 1 во Сочи, финалето на Лигата на шампиони преселено од Санкт Петерсбург во Париз. Гергиев исто така е исфрлен од претстојните концерти во Филхармонијата во Париз, Филхармонијата во Виена, Карнеги хол во Њујорк и од шкотскиот Меѓународен фестивал.
Исто така, Меѓународната одбојкарска федерација денеска соопшти дека на Русија ѝ е одземена организацијата на Светските првенства во одбојка во машка и женска конкуренција кои требаше да се одржат во август и септември.
Руските и белоруски лизгачи во уметничко и во брзо лизгање кои ја поддржаа воената акција на Москва добија забрана за меѓународни натпревари. Одлуката на Меѓународната лизгачка унија значи дека овие спортисти нема да се натпреваруваат на светското првенство од 21 до 27 март.
Меѓународниот олимписки комитет на 28 февруари им препорача на меѓународните спортски федерации и организатори на настани да се воздржат од канење или дозволување „учество на руски и белоруски спортисти и претставници на меѓународните натпреварувања“.
Меѓународниот олимписки комитет исто така му го одзеде Олимпискиот орден на претседателот Путин, кој му го додели во 2001 година.
Претседателот на Рускиот олимписки комитет Станислав Поздњаков одговори дека категорично се противат на тие одлуки.
Одделно од тоа, Светската фудбалска федерација ФИФА и Европската фудбалска федерација ја исфрлија Русија од Светското првенство и од сите меѓународни фудбалски натпреварувања на неопределено време.
Меѓународната хокеарска федерација објави слична забрана за Русија и Белорусија, а на Русија ѝ ја одзеде организацијата на Светското јуниорско првенство во хокеј во 2023 година.
Минатата недела Формула 1 ја откажа трката за Големата награда на Русија која требаше да се одржи на 25 септември во Сочи.
С.Т.