Каде бев…

by Фокус

Им завидувам на оние кои и за време на депресијата ја работат својата работа, ги вршат домашните обврски, излегуваат често со пријатели иако можеби не им годи дружбата. Јас не. Кога паѓам не можам самата себе да се сретнам во огледало, а камоли други луѓе.

Пишува: Линдита КАДРИУ

Таму каде тагата како чаршав покрива се.

Почна како случајно, но патем се накалемија други причини кои неопростливо одлагав да ги третирам со доволно долга психотерапија.

Им завидувам на оние кои и за време на депресијата ја работат својата работа, ги вршат домашните обврски, излегуваат често со пријатели иако можеби не им годи дружбата. Јас не. Кога паѓам не можам самата себе да се сретнам во огледало, а камоли други луѓе. Тогаш ништо не ми се прави и спасот (каков ли спас!?) го барам и не го наоѓам во лежење.

Ние во Демир Хисар и најтешко болните пациенти не го остававме да лежат цел ден, туку ги скорневме на окупациона терапија…да видете какви изложби организиравме со нивни цртежи, слики…ми велеше мојот психијатар Жанета Карагоцева. Да додадам дека на турски Кара значи црно, но таа и професионално и човечки ми беше светло во темнината, баш како и неврологот Арбен Таравари кој го знам поодамна.

Ќе ми помине ли Арбен? го прашав загледана во плавите му очи. Бев во очај по окончувањето на бракот.

Ќе ти помине.

Кога?

За два месеци. Од тебе барам само едно: да ги пијеш редовно лековите.

Да ми речеше да пијам цијанид, ќе го послушав.

Гарантираш дека ќе оздравам?

Гарантирам.

Имав задржано трунка хумор:

Главом?

Главом, и се насмеа со синилото во очи кое ми излегуваше како фотографија којпат мислев дека нема аир од лекови, еве првиот месец изминува…

За два месеци, сигурно по малку и со плацебо ефект, се префрлив во сончевиот брег. 2008 година, една од нејсреќните во животот.

Периодов додека не пишував, бев во помалку сончевата страна на улицата. Една од дефинициите на депресијата е неможноста за уживање во работите кои претходно се сметале за пријатни. Мене ако во чаршија не ми е убаво значи ништо не ми е потаман.

Единственото прибежиште и ѓоја радост ми беше чајџилницата Кај Исак, посебно ако до мене седеше рокерот Yлкер попознат како Уки, кој прикладно ме забавуваше додека го пијев големото макијато кое не морам да го нарачувам оти, како што гледате таму сум како дома.

Уки имаше такт, и разбирање кога му велев Ајде сега ќе читам малку, и доволен сенс да не прашува директно како сум и што ми е.

Фала богу, сега сум во Сончевата страна на улицата, како што пее Азра…

Секое растројство е одлична лакмус хартија за пријателите: кои се вистинските, а кои само си ги сметал за пријатели. Порано бришев понекој број во телефонот, сега веќе не. Се навикнав, да не речам отапев.

Но да не завршам гневно, иако искрено не ни чувстувам гнев спрема оние кои, кога не си им забавна, одеднаш се премногу зафатени. Нека.

Сполај му, има блиски другари, амигоси, содружници уз кои секоја битка станува полесна.

Се надевам дека ќе ме држи инспирацијава, и чините ми халал ако овој подолг текст беше премногу личен.

Поврзани новости