Однесувањето на македонскиот аеродромски службеник е спротивно на секоја меѓународна практика, според која, шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети. Ова е реакцијата на Беким Купина, советник за медиуми на косовската претседателка Вјоса Османи, по денешниот инцидент на скопскиот аеродром.
Купина за приштинската агенција Телеграф изјавил дека се чини дека акциите на безбедносните службеници на аеродромот „имале за цел да ја испровоцираат косовската делегација и да предизвикаат инцидент“.
-Претседателскиот тим му ги објасни правилата на службеникот од аеродромот, но тој се обиде физички да ја оттурне претседателката, што ја принуди косовската полиција да интервенира за да и го отвори патот. Ваквото однесување е спротивно на секоја меѓународна практика, според која шефовите на држави се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети, рече Купина.
Според него, македонска страна, и покрај правилата, и ја зела личната чанта на претседателката, иако таа требало да оди во ВИП просторијата, која била резервирана од Амбасадата на Косово.
Според Купина, вакво однесување никогаш не се случило на патувањата на претседателката Османи.
Тој додаде дека Османи за инцидентот го информирал претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши.
Според Купина, по инцидентот скопскиот аеродром не дозволувал комерцијалниот авион да полета повеќе од еден час „под изговор дека словенечката држава не дозволува полетување“.
-Кабинетот на претседателот стапи во контакт со словенечката страна, која ги демантираше овие информации. Република Косово никогаш на ваков начин не се однесувала кон претседателите на другите земји и нема да дозволи таква ситуација, рече Купина, додавајќи дека Претседателството „секој таков третман го смета за напад на самата држава Косово“.
Попладнево македонското МВР информираше за инцидент на скопскиот аеродром кој се случил денеска во 10 часот, откако косовската претседателка одбила да помине скенер, односно да го даде личниот багаж и телефонот на скенирање. По извесно време дошло и обезбедувањето на собранискиот спикер, Гаши кој им се заканувал на вработени во ТАВ и турнал полициски службеник.
Од Аердромот соопштија дека постапиле според прописите, а од кабинетот на Гаши ја демантираа верзијата на МВР и рекоа дека обезбедувањето отишло за да ја смири ситуацијата.