Кабинет на Иванов: Вистината боли, раководството на СДСМ е свесно за предавството кое го нуди

by fokus

Од Кабинетот на претседателот, Ѓорге Иванов, реагираат на изјавата на пратеникот Костадин Костадинов, од редовите на СДСМ.

„Најостро ги отфрламе тврдењата во изјавата на г. Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ, за кои сметаме дека се големи лаги и манипулација, со цел дефокусирање на јавноста. Јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ преку вакви манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со неприфаќањето на штетниот грчки договор. Реакцијата на македонскиот народ на вчерашниот ден точно покажа какво е неговото размислување кон погубната политика што ја води оваа власт за Република Македонија. Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ“, велат од таму.

Од кабинетот додаваат дека претседателот Иванов никогаш не поттикнал меѓуверска и меѓунационална омраза. Посочуваат дека заедништвото и сплотеноста коишто, како што велат, со децении се градени, сега се доведуваат во опасност, токму поради штетните политики и одлуки на оваа власт.

„За тоа дали претседателот Иванов е достоен за функцијата што ја извршува, не се прашуваат политичките партии, туку граѓаните кои го избрале и кои го покажаа својот став на чествувањето на Илинден. Претседателот Иванов, како и секогаш, така и во иднина ќе се води исклучиво од државниот интерес и интересот на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението.

Поврзани новости