Министерството за образование и наука веќе десет дена не одговара на нашето прашање дали новите два објекти, во кои ќе бидат сместени Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство и Факултетот за физичко образование спорт и здравје, ќе бидат изградени во барок.
Според информациите добиени од сајтот на Бирото за јавни набавки, објектите ќе се градат според идејните решенија на архитектот Жарко Чаушевски, кој победил на распишаниот конкурс, но засега од министерството ги кријат овие решенија од јавноста.
Бидејќи од министерството за образование не добивме одговор, односно од службата за односи со јавноста не информираа дека и тие се уште го чекаат одговорот од службите, се обидовме информацијата да ја добиеме од архитектот Чаушевски. Но, и архитектот не беше расположен за одговор, бидејќи уште пред да го слушне нашето прашање ни бараше одговор од каде сме го добиле неговиот телефонски број.
Инаку, во објавеното известување се наведува и дека архитектот за идејните решенија бил награден со по 300.000 денари.
Додека надлежните молчат, на јавноста засега единствено и е познато дека ќе се градат два објекти, со државни пари, но без да бидат информирани во каков архитектонски стил.
Сомнежот дека и овие два објекти ќе бидат изградени во барок се наметна бидејќи архитектот Чаушевски е автор на неколку идејни решенија според кои се градеа објекти од проектот „Скопје 2014“. Односно, тој беше креатор на изгледот на барокната зграда на ЈП „Водовод“, неколку фасади во центарот на Скопје, а според неговото идејно решение ќе се менува и ликот на ГТЦ.