Советниците на општина Центар со 12 гласови ЗА и 11 воздржани одлучија да има референдум за новиот изглед на Градскиот трговски центар по иницијативата на власта да ја смени постоечката со фазада во барокен изглед. По два часа тензии и препукувања на крајот исходот од гласањето сепак е на страната на граѓаните кои преку петиција собраа повеќе од 10 илјади потписи.
Тоа значи дека сега ќе биде организиран референдум на кој жителите на општина Центар ќе се изјаснат дали се за постоечкиот изглед на ГТЦ или сакаат тој да се претвори во барок, како и другите згради во центарот на Скопје. Ова ќе биде прв референдум во однос на проектот Скопје 2014-та.
Иако разликата е тесна, предност на гласовите даде Мирослав Шиповиќ кој застана зад граѓанската иницијатива да се распише референдум. Иако гласањето беше јавно, сепак по кратка пауза, се пристапи кон поединчено гласање. И на таков начин одлуката беше потврдена. Советниците на ВМРО ДПМНЕ со воздржаното гласање практично не застана зад иницијативата за референдум, иако првично истакнаа дека не се против изјаснување на граѓаните. Нивниот став е дека за ГТЦ не треба да гласаат само жителите на Центар.
Сега на референдумот ќе мора половината од гласачите да изгласаат дека се против барокната фасада за да остане ГТЦ каков што е. Трошоците ќе бидат на општина Центар, но тие ќе бидат далеку пониски од фасадата која ја планира власта.