Јужнокорејската писателка Хан Канг е добитник на овогодинешната Нобелова награда за литература „за интензивна поетска проза која се соочува со историските трауми и ја разоткрива кревкоста на човечкиот живот“, објави Шведската академија.
Хан Канг (53) е најпознатата јужнокорејска современа писателка и добитничка на Букеровата награда за нејзиниот роман „Вегетаријанка“ во 2016 година.
Авторката, родена на 27 ноември 1970 година во Гвангжу, има „уникатна свест за врските помеѓу телото и душата, живите и мртвите, а поради нејзиниот поетски и експериментален стил, таа се смета за иновативна во областа на современата проза. “, изјави претседателот на Комитетот за доделување на наградата Андерс Олсон.
Таа е првата Јужнокорејка која ја доби Нобеловата награда за литература. Единствениот Јужнокореец кој досега ја има добиено Нобеловата награда е поранешниот претседател Ким Дае-Јунг, кој во 2000 година беше награден за „работа за мир и помирување со Северна Кореја“.
По наградата за мир, чиј добитник ќе биде објавен утре, најголемо внимание привлекува Нобеловата награда за литература и на своите добитници им носи големо глобално внимание и скок во продажбата на книги што, сепак, може да биде релативно краткотрајно за авторите кои не се познати имиња.
Минатата година наградата ја доби норвешкиот писател Џон Фосе.