Областа Јужна Осетија во Грузија , која Русија ја има признаено за независна држава, планира да преземе активности со цел да се припои кон Руската федерација.
Ова го најави претседателот на Јужна Осетија, Анатолиј Бибилов.
-Верувам дека обединувањето со Русија е наша стратешка цел, наша патека, желба на нашиот народ. И ние ќе се движиме во тој правец. Ќе преземеме соодветни законски чекори во блиска иднина. Република Јужна Осетија ќе биде дел од својата историска татковина – Русија, изјави Бибилов.
Русија ја призна оваа област за независна во 2008 година по руско-грузиската војна, меѓутоа меѓународната заедница и понатаму ја признава како дел од Грузија.
Сепак, Грузија нема контрола врз Јужна Осетија уште од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Областа има 54.000 жители.