Јутјуберот Стефан Лазаров пред извесно време на јавноста се пофали со нова песна насловена како „Пари“ кој „собра“ над 50 илјади прегледи на Јутјуб.
Во разговор за „Фокус“, Лазаров раскажа повеќе детали за песната и самата содржина која ја носи, а се наврати и на неговото пријателство со модниот стилист Сергеј Варошлија.
„Во песната се работи за девојка која трча по парите на дечко кој е лудо заљубен во неа. Таа му ги троши парите, оди на шопинг и му бара уште и уште. Сакавме да направиме комична песна заедно со 2БОНА кои го пишуваа текстот, па и од самата песна се гледа дека сме се забавувале и сме го доловиле на таков начин. Периодов навистина има премногу негативни работи кои не опкружуваат, па затоа сакав да направам нешто кое што ем ќе го насмее слушателот, но и да му биде пријатно да го слуша“, вели Лазаров за „Фокус“.
Според него, содржината на песната е слика на времето во кое живееме кога материјалното е многу поважно од духовното.
„Живееме во материјален свет и за жал, љубовта, моралот и оние вистински вредности се на некој втор, трет или четврт план, а во доминација се парите“, додава тој.
Неговата песна доби различен вид на коментари – и позитивни, но и негативни, тие кои веќе не го допираат воопшто.
„Одамна веќе не ме допираат негативните коментари. Музиката не е поле на кое јас сум најдобар, и затоа не ги земам здраво за готово. Но, кога станува збор за емисиите кои ги правам, доколку коментарот е конструктивна критика се трудам да размислам и ако сметам дека е добро за мене да го применам. Позитивните коментари секако дека значат многу и во исто време мотивираат. Немам его, не ме повредува кога некој е подобар од мене“, додава тој.
Популарноста на Лазаров нагло порасна откако пред неколку години преку социјалните мрежи го искритикува модниот стилист Сергеј Варошлија, кој во тогашната 1ТВ водеше своја емисија „Студио мода“. Подоцна, Лазаров доби покана да гостува токму во емисијата на Варошлија и доби и вработување во некогашната телевизија.
Нашиот соговорник е свесен дека шансата што му се дала да се појави на телевизија, му помогнала многу во животот.
„Сергеј Варошлија го почитувам премногу. Но, тука мора да се спомене и Бојан Јовановски кој беше сопственик на 1ТВ и да не беше тој, јас немаше да го добијам тоа работно место. Секогаш ќе се сеќавам на тие денови и ќе им бидам благодарен затоа што дадоа шанса на младо момче кое беше изгубено и не знаеше што ќе прави со својот живот. Инаку, во супер однос сме со Сергеј, секако поради обврските ретко се гледаме, но знаеме да си пишеме понекогаш на Инстаграм.
Се имаме видено пред неколку месеци кога разговаравме да направиме некое интервју, а за заеднички проект не сме зборувале, иако да бидам искрен имало такви муабети, но кога бевме дел од 1ТВ..Инаку, цел живот ќе имам убаво мислење за него и знае дека секогаш може да ме побара и добие, во било кое време“, раскажува тој.
Кога го запрашавме, каде повеќе се гледа во иднина, Лазаров истакна дека се гледа како водител, а пеењето и музиката му се хоби, нешто што ужива да го прави.
Јорданчо Цветаноски