Јункер денеска ја почнува балканската турнеја низ Македонија

by Fokus

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер својата балканска турнеја ја почнува денеска со посета на Македонија, во рамки на која до 1 март ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан.

Јункер во земјава доаѓа во придружба на комесарот за проширување Јоханес Хан. Посетата е дел од нивната турнеја во регионот по повод Стратегијата за проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

Претходно беше најавено дека со претседателот на ЕК во Македонија ќе престојува и високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, меѓутоа, како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа не доаѓа во Скопје оти имало грешка во агендите. Могерини ќе има посебно патување во регионот наскоро, но сè уште не е утврден датумот.

Јункер е предвидено да се сретне со премиерот Зоран Заев, а по тет-а-тет средбата делегацијата на Владата ќе одржи и пленарна средба со делегацијата на ЕУ.

Јункер и Заев треба да одржат и заедничка прес-конференција, потврдуваат од Европската Комисија.

И претседателот Ѓорге Иванов, денеска ќе го прими претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер во Вила Водно.

Во Европската Комисија одбиваат засега да влегуваат во детали околу пораките кои ќе му бидат пренесени на македонското лидерство, особено во однос на прашањето за името, за кое притисок доаѓа и од Германија.

Ставот на ЕК околу прашањето за името останува истиот, а тоа е дека двете страни треба да најдат заеднички прифатливо решение пред да започнат преговорите со ЕУ.

Портпаролот на Жан Клод Јункер на новинарите, кусо им одговори дека претстојната посета на регионот е одраз на обновениот интерес и динамиката која ЕК сака да ги внесе.

Турнејата по Западен Балкан, првиот човек на ЕК ќе ја заклучи со посета на Бугарија, која во моментов претседава со ЕУ. Јункер во Софија ќе се сретне со престедателот Бојко Борисов и ќе присуствува на заеднички ручек со сите премиери на земјите од регионот.

Западниот Балкан, долго изоставен од приоритетите на европската извршна власт повторно станува важна тема на разговор во Брисел. На почетокот на февруари ЕК ја објави својата нова стратегија за Западен Балкан, која има цел да ја потврди кредибилноста на европската перспектива за земјите од регионот.

На 17 мај во Софија ќе се одржи и европски самит посветен на регионот.

МИА

 

Поврзани новости