Синоќа во НУЦК ,,Aнтон Панов” во Струмица се одржа манифестацијата ,,Љубов за сите” во чест и спомен на уметницата Андријана Мациев, инаку ќерка на водителката и естрадна уметничка Јулија Мациевска, и на истата беа изложени 20 дела од три циклуси на Андријана.
Настанот се одржа по повод двеипол години од смртта на уметницата, но и по повод денот на нејзиното раѓање. Да беше жива, Андријана вчера ќе наполнеше 43 години.
Покрај изложбата, беа промовирани двата алманаха, со наслов ,,Љубов за сите”, пишувани од група автори, инспирирани од животот на Андријана, која по тешката битка со канцерот почина во мај, 2022 година.
Со песна посветена на единствената ќерка, Јулија го одбележа нејзиниот ден на раѓање.
-Љубов моја,Анѓел мој Ан, Ти тука си знам, Секоја мисла,секоја солза моја, Те допре мајкино, најмило мое.
Прости, што мaјка ти се уште учи, Да биде тоа, што сакаш ти, Ја барам твојата рака, Нежна, мека, а јака. Мислев цел живот ќе ја држам. Ќе чекорам со крената глава.
За мајката, тоа е најголема слава. Ан, живогот во бои да го слика Женски приказни, на платно да реди, Шарени вибрации, да се множат, Оти велеше, животот убав е, Разбуди се,погледни во сонцего И насмевни се.
Твоето главче и косичка мека, Сакам на рамо да ги почувствyвам мила, Образот твој, ко најмека свила. А очите твои, ко длабока зелена вода, Поглед бистар и чист, А душата твоја, нежна ко лист- се дел од стиховите кои Јулија и ги посвети на Андријана.
И не само стиховите, Јулија го посвети целиот живот на ќерката која ја одгледа како самохрана мајка, настапувајќи во минатото во локали, на манифестации и фестивали, снимајќи ТВ емисии, со цел да овозможи добар живот за своето семејство.
Денес е горда на внуката Стефанија Начевска, единствената ќерка на Андријана, која е актерка.
Вики Клинчарова