Вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, изјави дека судот ја отфрлил тужбата против затворот во кој тој починал, бидејќи, според неа, тоа би значело откривање на видеото и други информации за околностите на неговата смрт.
Јулија Навална на платформата Х (Твитер) напиша дека верува дека случајот е затворен, бидејќи во спротивно тоа ќе ги принуди затворските власти да дадат детални информации за тоа што се случило на 16 февруари, кога почина нејзиниот сопруг, објави Ројтерс.
Претходно денеска поранешниот помошник на Навални, Иван Жданов, изјави дека тужбата на мајката на починатиот руски опозиционер, во која се наведува дека тој не добил соодветна медицинска помош во затворот каде ја отслужил казната и починал, е одбиена, бидејќи Навални лично не поднел жалба.
Жданов рече дека судот во малиот град Лабитнанги, во близина на затворот во кој почина Навални, ја отфрлил тужбата со образложение дека обвинител мора да биде самиот Навални.
Руските затворски власти објавија дека 47-годишниот Навални се онесвестил и починал на 16 февруари откако прошетал пред затворот, каде што издржувал тридецениска казна.
Тимот на Навални подоцна објави дека во неговата смртна потврда е наведено дека тој починал од природна смрт.