Со трогателен апел утринава се огласи поп пејачката и водителка, Јулија Мациевска, чија ќерка единица Андријана (41) веќе подолг период се бори со канцер.
-Драги мои пријатели, помолете се за моето девојче, за мојата хероина, мојата светлина. Молете се за Божје чудо, зашто Андријана во болка се бори за својот живот на клиниката за онкологија.
Верувам дека Бог ќе направи чудо, зашто за Бога е возможно се. Секој на свој начин испратете љубов, испратете молитва, да го крене моето девојче. Господи помилуј, Оче спаси нас – објави таа пред неколку часа.
За борбата на Андријана, и за животната драма низ која минуваше таа заедно со мајка и Јулија и ќерката Стефанија, ,,Фокус” пишуваше во септември 2020 година, кога се соочија со тешката дијагноза.
Тогаш во телефонски разговор Јулија се заблагодари на сите кои се понудиле да им помогнат на било каков начин, и изјави дека е трогната од поддршката која што по објавувањето на веста започнала да доаѓа од сите страни.
-Ова е наплив на една позитивна енергија, во овие тешки моменти кога сме окупирани со мисли за болеста, како мелем ни дојдоа сите убави и искрени од срце пораки, целата таа позитивна енергија која ни ја пратија луѓе од сите страни на земјава и ни покажаа дека не сме сами. Ние ќе успееме – изјави таа во периодот кога започна нивната најголема битка.
Лани во февруари пак, Андријана раскажа дека ја примила последната, осма, хемотерапија, и се заблагодари на сите кои биле покрај неа во изминатите шест месеци поминати во лекување. Порача дека е среќна и благодарна, но дека и следуваат нови испитувања и терапии за подигање на имунитетот.
Инаку, Јулија е присутна на сцената околу четири децении и важи за симбол на женска убавина и сила. Препознатлива е по широката насмевка и ведриот дух, и покрај тоа што животот не и бил лесен. На млади години го изгубила сопругот и сама се грижеше за Андријана, а потоа и се посвети и на внуката Стефанија.
Вики Клинчарова