Царот Борис Трети Обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите, напиша на својот фејсбук-профил европратеникот Ангел Џамбаски од редовите на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, како одговор на изјавите на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за отворањето на клубот, кој го носи името на бугарскиот цар.
-Ова, господине Османи, не е провокација туку факт. Години на коминтернски лаги и пропаганда не можат да ја променат историјата. И таа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Омразениот за сите Македонци Иван Михајлов вели: ‘Кога се отворија бугарски училишта во Македонија во 1941 година, таму немаше бунт и не се бараа други училишта’. Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, напиша Џамбаски на Фејсбук.
Османи во саботата го оцени како провокација отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.