Синоќа во Малме, Шведска се одржа првата полуфинална вечер на музичката манифестација ,,Евровизија”, а Македонија втора година по ред не учествува поради финансиска криза.
Од поранешните Југословенски републики во финале влегоа Хрватска, Србија и Словенија.
Во годините наназад, кога беше дел од големото музичко шоу, нашата земја ниту еднаш нема победено на настанот, но во 1989 година, на шести мај, групата ,,Рива” која беше Југословенски претставник, го освои првото место во Швајцарија. Тоа беше и единствената евровизиска победа на Југославија, а наредната, 1990 година, ,,Евровизија” се одржа во Загреб, во концертната сала ,,Ватрослав Лисински”.
Победата на Југославија и ја донесе задарската група ,,Рива” со вокалистката Емилија Кокиќ и песната ,,Rock me”. Но, и покрај победата на популарната манифестација, Емилија се повлече од сцената и не направи значајна музичка кариера потоа. Текстот на победничката песна го напиша Стево Цвикиќ, а пак музиката беше на Рајко Дујмиќ. Првото учество на Југославија на ,,Евровизија” се случи во 1961 година, со песната ,,Неке давне ѕвезде” на Лилјана Петровиќ. Текстот на песната беше на познатиот поет Мирослав Мика Антиќ, со музика на словенскиот композитор и диригент Јоже Прившек. Тогаш Југославија заврши на осмото место.
Во годините потоа, југословенски претставници беа Киќо Слабинац, Тереза Кесовија, Вице Вуков, Здравко Чолиќ, Сеид Мемиќ Вајта, Даниел Поповиќ, Зорица Конџа, Дорис Драговиќ, Нови Фосили, Тајчи, Беби Дол… Последното учество на Југославија на манифестацијата се случи во 1992 година, а претставничка беше Екстра Нена со песната ,,Љубим те пјесмама” и заврши на 13-то место.
По распадот на Југославија, Македонија за прв пат учествуваше на ,,Евровизија” во 1998 година, со Владо Јаневски и песната ,,Не зори зоро”. Тогаш заврши на 19-то место, а најголемиот успех го имаше во 2019 година со Тамара Тодевска и песната ,,Proud” која го освои седмото место.
Вики Клинчарова