Југоносталгичар

by Фокус

Дали сум југоносталгичар? Да, ама не на начин како што вмровциве ја разбираат таа носталгија. Си ја сакам Македонија, независна, самостојна, моја. Но, ми недостига отвореноста, конкуренцијата, трката, натпреварот, надгледувањето како тоа го прават другите, успешните. Ми фали словенечката дисциплина и чистота, ми фали Далмација, Сплит со неговите распеани клапи, ми фали Будва, Дубровник, Сараево, мојата Љубљана, Белград…

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Југославија, нашата бивша држава, како поминуваат годините така сѐ повеќе се враќа во спомените на луѓето како нешто топло, како земја во која убаво се живеело, можеби малку посиромашки, но како место во кое луѓето се чувствувале безбедни, сплотени, среќни и некако важни, потребни, со идеја и со оптимизам.

Дури и помладите кои се родени по растурањето на таа држава потпрашуваат каква била и се обидуваат да ги доловат тие времиња на братство и единство и времиња кога немало граници со рампи меѓу југословенските републики и кога секој можел да си се воздигнува себеси, а притоа да не го негира и загрозува другиот.

29 НОЕМВРИ

Секоја година од осамостојувањето досега 29 Ноември редовно сум го одбележувала со пригоден текст. Тој ден, во 1943 година, за нас, Македонците, е од фундаментално значење.

За првпат во документите на АВНОЈ македонскиот народ е јавно признат како народ кој има право да има своја уставна република рамноправна со другите републики, од кои некои биле кралства (Србија, Црна Гора), а некои дури и со прогласена независна држава (Хрватска).

Со АВНОЈ, по него со АСНОМ, а по него со прогласувањето на независноста во 1991 г., Македонија дојде до статусот меѓународно призната независна, самостојна држава.

Мирно се извлече од националистичкото дивеење и војните што се водеа меѓу дотогаш братските републики. Ние, благодарение на мудрата политика на Глигоров, релативно без поголеми потреси се раздруживме од претходната држава – „занданата на народите“, како што ја нарекуваше ВМРО-ДПМНЕ.

Тогаш го промовираа и изразот „ЈУГОНОСТАЛГИЧАР“, кој ги анатемисуваше сите оние кои сакаа да си ги задржат убавите сеќавања од животот во таа Југославија, па ако сакате и да си ги сочуваат спомените од нивното детство и младост.

Второто ВМРО, ВМРО-ДПМНЕ под водство на Љубчо Георгиевски просто беше обземено од омраза кон Југославија. Подоцна сфатив дека тие, всушност, и не ја мразеле баш толку Југославија колку што ја мразеле Србија на која по Првата светска војна ѝ припаднала денешната територија на Македонија.

ПОБРЗ ВЛЕЗ ВО ЕУ

Бугарија како земја губитник во војната си останала со прстот в уста. Токму во тие дваесетти години на дваесеттиот век ВМРО е обновена за првпат под тоа име, Внатрешна македонска  револуционерна организација − прашање колку била македонска, бидејќи со неа раководел Ванчо Михајлов, кој се залагал за некаква автономија на Македонија, но само како втора бугарска држава затоа што Македонците ги сметал за чисти Бугари.

Оттогаш се влече како рецидив големобугарското гледиште што и ден-денес се пропагира од некои влијателни вмровци дека Македонија по Првата светска војна била окупирана од Србија.

Знаеме дека Бугарија не може да се помири што Србија како победник во војната ја добила Македонија, ама зошто толку ги боли вмровциве „српската окупација“ кога барем денес е јасно дека ако нѐ чапнела Бугарија ќе немаше да има ни трага ни глас од македонска држава и македонски народ и македонски јазик.

Дури и таа окупаторска, кралска Југославија била свесна за нас како нешто посебно и не случајно ги поставила контурите на Вардарската бановина приближно слично на денешните граници на Македонија.

Дали сум југоносталгичар? Да, ама не на начин како што вмровциве ја разбираат таа носталгија. Си ја сакам Македонија, независна, самостојна, моја. Но, ми недостига отвореноста, конкуренцијата, трката, натпреварот, надгледувањето како тоа го прават другите, успешните.

Ми фали словенечката дисциплина и чистота, ми фали Далмација, Сплит со неговите распеани клапи, ми фали Будва, Дубровник, Сараево, моја Љубљана, Белград…

Такво опкружување посакувам. Затоа сум толку силен поборник за што побрз влез во Европската Унија, за овој народ да ја впие идејата на новото време, да ја осознае широчината на просторот, изворите на богатството, редот и поредокот на развиениот свет, и тоа не со бегање туку со љубов кон македонската земја, со здраво учење, знаење, дисциплина, со работа и со труд.

И ете ти повисок стандард и пристоен живот. Младиве само тоа ќе ги убеди да не заминуваат надвор. И тие се свесни дека дома си е дома!

Поврзани новости