Потребата од попис е јасна за сите, но, за жал, и голем тас на македонската политичка сцена. Додека во светот државите сè почесто го напуштаат традиционалниот метод на попис и се одлучуваат за годишни, па и полугодишни статистички извештаи за населението, изработени врз основа на вкрстени податоци од сите статистички институции во државата, ние речиси 18 години не можеме да се преброиме по никаква основа.
Пречка се повеќе прашања, но најголемото е недовербата. Недоверба во релевантноста на добиените податоци, недоверба во формулацијата на прашањата и нивното внесување, но и недоверба во начинот на прибирање податоци за дијаспората.
Немањето статистички податоци за општеството во кое сите живееме и работиме, едноставно кажано, е избегнување на соочувањето со реалноста и фактите на сите институции во земјата.
Во 2019 година влеговме со јасна рамка за одржување попис, спроведовме успешен пробен попис во јули. Сè беше подготвено и се чекаше само финално усогласување на Законот за попис во Собранието за организирање на првиот по речиси 18 години попис во април 2020 година. Сепак, годината ја завршуваме без конкретен датум за попис, откако предвремените избори го поништија договорот за спроведување попис во април 2020 година, а Законот за попис падна од собраниската агенда.