ЈСП „Скопје“ утре во 12 часот ќе протестира пред Владата поради нередовна исплата на јавниот долг од страна на централната власт но и од страна на општините за превозот кој го врши претпријатието на учениците и на студентите. Поради ваквата одлука на Град Скопје и на ЈСП „Скопје“ се доведува во прашање нормалното функционирање на јавниот градски превоз во Скопје поради што скопјани можат да останат без превоз.
Секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров истакна дека во моментов на ЈСП „Скопје“, Министерството за образование и наука му должи вкупно 120 милиони денари, 40 милиони денари должат општините, а дополнителен финансиски притисок, како што истакна, претпријатието чувствува и поради наследениот долг од 90 милиони денари кон приватните автобуски превозници.
– Вработените во ЈСП „Скопје“ заслужуваат редовно да земаат плата, а граѓаните на Скопје заслужуваат редовен и квалитетен градски превоз. За тоа да функционира во услови на криза неопходно е секој да ги исполнува своите обврски, без која реализација претпријатието не може да функционира.
Претпријатието е затекнато во катастрофална состојба и во изминативе години е доведено пред колапс со мултимилионски наследени долгови. Цените на енергенсите за редовно функционирање на превозот се зголемени за 400 отсто поради енергетската криза. Покрај целиот овој товар дополнително и институциите не си ги подмируваат своите обврски кои се неопходни за нормално функционирање на претпријатието – истакна Глигоров.
Тој изрази надеж дека час поскоро властите ќе ги подмират своите долгови и тековните обврски за како што рече, претпријатието да може редовно да исплаќа плати на вработените и да ги извршува тековно своите обврски.
Во иистро време градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, не смета дека таа и новото раководство на Град Скопје и ЈСП имаат вина и се одговорни за тоа што Скопје може да остане без јавен превоз.
– Поважно е прашањето како некој направил мултимилионски долгови во ЈСП за 4 години поради кои претпријатието е во критична состојба. За неколку месеци, директорот на ЈСП прави сè што може за консолидација на претпријатието, што е соочено покрај со наследените милионски долгови и со 400% зголемување на енергенсите поради енергетската криза – вели Арсовска за СДК.
Таа во изјавата меѓу другото додала и дека Скопје нема да остане без јавен превоз, бидејќи како што најавила на вработените деновиве ќе им биде исплатена септемвриската плата.