Во траорна атмосфера, семејствата, пријателите и граѓаните се простуваат од најблиските и децата кои трагично ги загубија своите животи.
На белградските гробишта денеска беа погребани четворицата ученици и чуварот кои беа убиени во масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар, додека во селото Мали Орашје беше последниот поздрав и погребот на петте жртви од убиствата во околината на Младеновац.
Молк, болка и плач на белградските гробишта. Српскиот епископ Иларион низ солзи и со потресни зборови за жртвите, изрази сочувство и до семејството на познатиот српски одбојкар за изгубениот живот на нивната ќерка.
Ми рекоа дека таа застанала пред она несреќно момче за кое треба да се молиме. И за него и за неговата несреќна душа. Застанала пред него и спасила неколку животи…
На јавните места ширум Србија граѓаните палат свеќи, полагаат цвеќе и оставаат разни предмети со желба вакви трагедии повеќе никогаш и никаде да не се повторат. Сите активности почнуваат со едноминутен молк, знамињата на сите институции се на половина копје.
Српската министерка за здравство Даница Грујичиќ утрово изјави дека три од лицата кои беа повредени во масакрот во близина на Младеновац се во критична состојба, како и двајца ученици повредени во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Грујичиќ кажа дека состојбата на другите повредени е постабилна, дел од нив се веќе пуштени дома, а дел ќе наскоро ќе ги напуштат болниците.
– Видов вчера информација дека две деца се пуштени. Да, тоа е убава вест и еве уште една добра вест. Детето, денес или утре ќе биде пуштен дома, тоа кое е во Ургентниот центар. За жал девојчето и наставничката во понеделник ќе бидат ортопедски оперирани, бидејќи имаат повреди на рацете. А што се однесува до ова момче 42-годишниот П.М., тој исто така денеска ќе биде пуштен дома. Тој е од Мало Орашје. За жал, еве јас сега бев во Ургентниот центар, тројца од нив се во критична состојба, изјави Грујичиќ.
Траорна атмосфера, шок и последно збогум за жртвите од крвавиот поход на младиот Урош Блажиќ во околните села на Младеновац и Смедерево.
Во меѓувреме, српската полиција засилено ги следи објавите на социјалните мрежи и делува превентивно. Малолетно девојче во Србија заврши на информативен разговор бидејќи се исмевала со масакрот во училиштето „Владислав Рибникар“.
Според информациите од српското МВР девојчето во видео на Тикток го величала осомничениот 13-годишен извршител на убиството Коста Кецмановиќ, но со со оглед дека станува збор за малолетно девојче, ќе бидат поднесени пријави против нејзините родители.
Во два масакра во Србија беа убиени 17 млади луѓе – во средата 13 годишниот Коста Кецмановиќ застрела и уби осум ученици и обезбедувач во училиштето „Владислав Рибникар“, притоа рани шест ученици и наставник, а еден ден подоцна, 21 годишниот Урош Блажиќ уби осум лица, а рани 14 кога пукаше врз жителите на неколку села во околината на Младеновац и Смедерево.