Јавното претпријатие за државни патишта, на чело со директорот Коце Трајановски, склучило договор за одржување на згради и објекти во времетраење од 2 години со компанијата „Енергоинвест Трејд Глигор“, чија вредност изнесува 29,5 милиони денари или скоро 480 илјади евра.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, ЈПДП го склучило овој договор за јавна набавка на 30.12.2024 година, односно истиот ден кога избраниот економски оператор – „Енергоинвест Трејд“, заработил негативна референца.
Имено, Општина Гази Баба и изрекла негативна референца на оваа фирма лани на 30-ти декември со времетраење од 6 месеци, односно до 30.06.2025 година, со образложение дека понудувачот не ја обезбедил гаранцијата за квалитетно извршување на договорот, која договорниот орган ја предвидел во тендерската документација.
Воедно, на истиот ден (30.12.2024), 6-месечна негативна референца добила и компанијата „Бауер БГ“, која настапила заедно со „Енергоинвест Трејд“ во рамки на тендерската постапка спроведена од Гази Баба за изградба на проектирана улица, чија вредност изнесувала 20 милиони денари или 325 илјади евра.
Притоа, групата предводена од „Енергоинвест Трејд“, чиј член била и„Бауер БГ“, склучиле договор со скопската општина за изградба на улица на 18.12.2024 година, со рок на реализација од 18 месеци од вовед во работа, меѓутоа набргу договорот бил раскинат поради ненавремени и несоодветни банкарски гаранции.
„Согласно склучениот договор член 18 став 5 и член 25 став 1, како и согласно член 102 став 5, економскиот оператор не достави целосни банкарски гаранции. Доставените банкарски гаранции се ненавремено и некомплетни доставени. Односно, банкарската гаранција за квалитетно извршување на договорот и авансната банкарска гаранција беа доставени со пократок рок од утврдениот рок во договорот.
Вака доставените банкарски гаранции се неприфатливи за Комисијата, па поради тоа се одлучи договорот да се раскине еднострано и да се објави негативна референца согласно член 101 став 7 од Законот за јавни набавки, како на носителот така и на членот на групата економски оператори“, ни одговорија од Гази Баба.
Исто така, „Енергоинвест“ и „Бауер“ партнерски настапиле и во рамки на тендерската постапка спроведена од страна на ЈПДП за одржување на згради и објекти, во чии рамки, како што веќе наведовме, бил склучен договор вреден 480 илјади евра.
Како што ни изјавија од ЈПДП, друштвото „Енергоинвест Трејд“ за одржување на згради и објекти има доставена банкарска гаранција за целосно и квалитетно извршување на договорот, во висина од 5 проценти од вредноста на договорот, со рок на важност за целокупното времетраење на договорот.
Патем, тоа е наведено и во договорот склучен меѓу ЈПДП и „Енергоинвест Трејд“, каде, меѓу другото, стои дека висината на банкарската гаранција е 5 отсто од висината на договорот, додека увидот во документацијата покажува дека банкарската гаранција во износ од 1.475.000 денари ја издала „Силк Роуд“.
Колку за споредба, во рамки на тендерот на Општина Гази Баба за новопроектирана улица, после кој „Енергоинвест“ и „Бауер“ заработија негативни референци, се барала двојно повисока банкарска гаранција од 10 отсто, иако вредноста на овој договор била за 155 илјади евра пониска од тендерот на ЈПДП.
Ако се направи споредба со истата јавна набавка на ЈПДП спроведена во 2023 година, пак, може да се види дека јавното претпријатие и тогаш барало банкарска гаранција од 5 отсто, ама не склучило двегодишен договор како сега, туку на 05.05.2023 година склучило договор за одржување на згради и објекти со „Макмонт“ во период од една година, чија вредност била 14 милиони денари или 227 илјади евра.
Инаку, „Фокус“ веќе пишуваше дека „Енергоинвест Трејд“ не ја обезбедил банкарската гаранција и во рамки на милионскиот проект за изградба на 5 затворени базени, при што, како што не информираа од Министерството за спорт, банкарската гаранција ја обезбедил подизведувачот „Еуровиа“, додека на терен гради трета компанија – „Вивинт“.
За потсетување, своевремено пишувавме и за поврзаноста меѓу „Енергоинвест Трејд“ и „Бауер БГ“. Моментално, „Бауер БГ“ е во сопственост на Благој Димитров и Гордана Димитрова, а управител е Горан Димитров. Сопственик на „Енергоинвест Трејд“, пак, е Гордана Димитрова (косопственик на „Бауер“), а управители се Глигор Димитров и Љубен Илиевски.
Во споредба со периодот пред 5 години, кога „Енергоинвест Трејд“ го доби тендерот за базените од 3,2 милиони евра, се забележува дека актуелниот управител на „Бауер БГ“, Горан Димитров, е надвор од сопственичката структура „Бауер“, но и на „Енергоинвест Трејд“, каде веќе го нема ниту Благој Димитров, туку единствен сопственик сега е Гордана Димитрова.
Впрочем, овие промени се случуваат во време кога се отвори истрага за изведба на владината фасада за 17,7 милиони евра, по која неодамна беше поднесено обвинение и против управителот на „Бауер“. Од „Бауер“ и од „Енергоинвест Трејд“ не одговорија на нашите прашања.
Влатко СТОЈАНОВСКИ