Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој почна да ги гради автопатските делници на Коридорите 8 и 10Д, добил само околу 50 милиони евра аванс од државата, а не 240 колку што беа планирани да му се исплатат во 2023 година.
Во новиот ревизорски извештај на Јавното претпријатие за државни патишта за 2023 година кој традиционално го изработува независната куќа „Мур Стивенс“ стои дека „Бехтел и Енка“ добил само еден почетен аванс од 3.074,750.000 денари или околу 50 милиони евра.
Останатите пари од 240 милиони евра кои Министерството за транспорт и врски ги префрли на крајот на 2023 година се останати на сметката на јавното претпријатие.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во август годинава рече дека на „Бехтел и Енка“ нема повеќе да му се плаќа однапред. Таа додаде дека аванси без никаква реализација нема да бидат исплаќани, туку дека ќе се плаќа врз основа на реализација.
– Илузорно е да планирате 250 милиони евра за проектот за коридорите 8 и 10д во ситуација кога не можете да завршите експропријација, имате еден куп проблеми, кога не ја знаете трасата, односно кога знаете дека нема да ги реализирате и тие на крајот на годината ќе завршеа во некои коруптивни зделки – рече во август годинава, Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека за следната годината за овој проект ќе бидат планирани 250 милиони евра и дека веќе се работи на тоа проектот да почне да се реализира, да се гради и да се плаќа врз основа на завршени работи и ситуации.
Во програмата на ЈПДП за 2024 е наведено дека за проектот на „Бехтел и Енка“ се предвидени годинава да се реализираат повеќе од 250 милиони евра, но во првото тромесечие од 2024, според објавениот квартален извештај, реализирани се само 5,3 милиони евра (320.203.705 денари) за изведувачот на коридорите.
Оваа година нема ниту една трансакција од државниот буџет на сметката на ЈП „Државни Патишта“ за потребите на „Бехтел и Енка“ во изградбата на автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола. Проекциите се дека целиот договор ќе чини најмалку 1,3 милијарди евра со можност да се зголеми на 1,6 милијарди, а рокот за изградба на трите делници е 2028 година.
Орце Костов