ЈП Дрисла Скопје се соочува со казна од 110.000 до 120.000 евра, а управителот со казна до 6.000 евра.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка против правното лице ЈПДКО Дрисла Скопје и против управителот, пред Основниот кривичен суд во Скопје поради одбивање на потпишување на Записникот за спогодба од страна на директорот на Јавно претпријатие за депонирање на комунален отпад Дрисла Скопје, по извршениот вонреден надзор, соопштија од Владата.
Изречената казна следува по вонредниот надзор на Инспекторатот на 04.09.2023 година, по дојава на граѓани од селото Батинци, за загадување на Маркова река во претпладневните часови.
„При вонредниот надзор, визуелно е утврдено дека има загадување на Маркова река со темно кафеава течност, но при надзорот не е почувствуван некаков мирис. Според ДИЖС, истиот ден од страна на акредитирана лабораторија за животна средина ЕУРОМАК КОНТРОЛ Скопје земени се мостри од три места за анализа на водите од Маркова река, како и една дополнителна мостра доставена од граѓани од Батинци“ стои во соопштението.
Наодите од визуелниот надзор и резултатите од акредитираната лабораторија која анализираше земени мостри, утврдија концентрации на загадувачки супстанци над дозволените гранични вредности и истите потекнуваат од исцедокот од депонијата.