Љубомир Јовески – републичкиот jавен обвинител смета дека не треба да предизвикува сомнеж тоа што меѓу кандидати од седмата генерација што ја завршија Академијата за судии и јавни обвинители се најдоа синови, сопружници и други блиски родни на актуелни високи политички функционери и делители на правдата.
Меѓу нив најзвучни се имињата на Барлет Џафери, син на претседателот на Собрание, Талат Џафери и Албулена Абази – сопруга на шефот на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
„Лицата кои ги спомнувате учествувале на огласот за упис во Академијата на судии и јавни обвинители на кој има многу строги критериуми, покажале соодветни резултати и биле примени во Академија, со успех ја завршиле и според тоа јас апсолутно не гледам никаква причина да се фрла сомнеж на овие млади луѓе. Вчера беше нивната промоција во салата на Врховниот суд. На овие млади луѓе им ја предочив одговорноста со која се соочуваат, на тежината на носењето на судската и на обвинителската тога, на одговорноста, но истовремено и на гордоста да се носи тогата“ – изјави Јовески.
Според него, на овие луѓе треба да им се даде шанса.
„Уште еднаш да бидам јасен, на овие луѓе треба да им се даде шанса, тие луѓе завршиле соодветно образование и ги исполнуваат сите законски услови да можат во соодветна постапка да бидат избрани за судии и јавни обвинители. Советот на јавни обвинители имаше распишано оглас, јас немам информација кој сè се има јавено на овој оглас, а вчера разбрав дека и Судскиот совет распишал оглас за пополнување на упразнети места во судовите во државата“, рече Јовески.
Покрај синот на Џафери и сопругата на Абази, меѓу идните судии и обвинители кои ја завршија Академијата се Билјана Иванова, снаа на генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова; Симона Муцунски-Бубевска, сопруга на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски; Билјана Смаќоска, ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска; Драган Јосифовски, син на обвинителката Елизабета Јосифоска.