Истрагата за случајот „Империја“ е во тек, а предметот се наоѓа во фаза на вештачење, вели републичкиот јавен одбвинител Љубомир Јовески.
-Станува збор за обемен предмет и постапката е во фаза на вештачење. Но покрај вештачењето се превземаат и други дејствија, а за вештачењето очекуваме во некое рационално време да биде готово, истакна обвинителот Јовески, на денешниот традиционален новогодишен брифинг со новинарите.
Овој предмет го отвори СЈО, а меѓу осомничените е и бизнисменот Орце Камчев, сведокот од „Рекет“. Двата случаи се тесно поврзaни, бидејќи според обвинението на обвинителката Вилма Русковска, тој на Бојан Јовановски и Катица Јанева им дал 1,5 милиони евра, за да го спасат од кривичниот прогон за „Империја“.
Во СЈО, истрагата за „Империја“ ја водеше обвинителката Лиле Стефанова, а откако предметот премина во редовното обвинителство, и се приклучи и колешката Гордана Смаќовска.
Додека предметот беше во СЈО, „Фокус“ објави детали за истрагата, која беше во напредна фаза.
Минатата година, по само три месеци истрага, од СЈО открија дека имаат голем број на материјални докази, неколку сведоци, легално прислушувни разговори на дел од осомничените, со кои ја разоткриваат криминалната шема, а со која наводно осомничените, меѓу кои Камчев и Сашо Мијалков, переле пари, на штета на државата, а во корист на сопственото банкарско салдо. Дотогаш сомнежот беше дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра.
В.В.