Спогодбата и местото каде ќе живее сторителот на кривичното дело нема воопшто едно со друго значење. Право на граѓанинот да го одбере местото на неговото живеалиште, вели државниот обвинител Љубомир Јовески одговарајќи на новинарско прашање дали бизнисменот Јордан (Орце) Камчев можел да ја промени адресата на живеење по постигнатата спогодба во предметот „Империја“.
Камчев призна вина и се спогоди на една година затвор. Минатата недела Основниот кривичен суд Скопје му издаде упатен акт на 1 јуни да се јави во затворот во Шуто Оризари за издржување на казната, но вчера од скопскиот суд соопштија дека бизнисменот во меѓувреме ја променил адресата на живеење во Охрид, па предметот го препратиле во охридскиот суд кој сега е надлежен да му издаде нов упатен акт.
Јовески вели дека за тоа слушнал од медиумите, но уште еднаш нагласи дека тоа е право на Камчев, како и на надлежните органи да одлучат дали ќе му дозволат да промени адреса.
-Јас од вас медиумите дознав дека е променета адресата на живеалиште. Негово право и право на надлежните органи кои се занимаваат со прашањата на живеалиштата на граѓаните е да одлучуваат за тоа дали на определено лице ќе му се дозволи да го смени местото на живеење од еден во друг град, рече државниот обвинител.
На новинарски прашања дали со тоа што се правела промена на адреса била прекршена мерката на претпазливост за ненапуштање на Скопје, Јовески посочи дека со склучување на спогодбата сите мерки престануваат и настапуваат нови околности.
На ист чекор како Камчев се одлучи и Ненад Јосифовиќ кој исто така постигна спогодба во „Империја“. Тие со обвинителството се договорија на една година затвор – казна во која ќе се пресметаат и околу четири месеци поминати во притвор.
Основниот суд Охрид кога ќе го добие предметот, ќе треба да им издаде упатен акт, а според досегашната пракса, ако се земе предвид должината на казната тие најверојатно ќе бидат испратени на издржување на казната во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга кој е полуотворен тип.
Инаку, дел од спогодбата во „Империја“ со Камчев беше и да се уплатат и 5,2 милиони евра на сметка на УЈП, пари што беа уплатени на 26 април годинава, односно набргу по постигнувањето на спогодбата од страна на фирмата „Кара“ АД Скопје која е правен следбеник на компаниите „Орка холдинг“ АД Скопје и ДПТУ ХООР АД Кавадарци.
Спогодбите на Камчев и Јосифовиќ се за кривични дела до 2009 година – на Камчев за злоупотреба на службената положба и овластување, а на Јосифовиќ за перење пари и други приноси од казниво дело.