Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески кој одговараше на пратенички прашања на денешната седница во Собрание за опожареното возило пред домот на вицепремиерот Артан Груби рече дека Обвинителството уште истиот ден излезе на увид и ги фиксира трагите кај опожарениот автомобил и додаде дека детално и целосно ги испитува случувањата во врска со овој настан.
„Сите околности и факти се документираат и анализираат и доколку се утврдат елементи на кривично дело Обвинителството ќе преземе сите соодветни мерки“, рече Јовески во одговор на пратеничко прашање.
Тој објасни дека истрага се покренува против конкретно лице.
„Кога ќе бидат собрани доволно податоци во однос на кривичното дело и во однос на евентуален сторител на кривично дело тогаш Обвинителството ќе отвори соодветна истрага. Не само во врска со опожареното возило, туку Обвинителството собира податоци во овој случај и во делот на купувањето на хотелот“, рече Јовески.
Државниот јавен обвинител рече дека воопшто не го секираат заканите кон него како јавен обвинител што се истакнуваат денеска и во други прилики зашто одговорно ја извршува функцијата.
„Јас сум задоволен од тоа како се одвиваат состојбите во Обвинителството. Обвинителството заедно со другите истражни органи и со полицијата ги презема соодветните мерки во однос на утврдување на околностите и фактите врз основа на кои се случени овие незгоди. Истрагата не се спроведува во првиот момент, туку за таа да се спроведе неопходно е да се утврдат докази, елементи на сторено кривично дело и да се утврди сторителот“, рече Јовески и додаде дека претходно се утврдува дали е случен кривичен настан и евентуален конкретен сторител.
За довербата во Јавното обвинителство рече дека е само перцепција и додаде дека таа на некој начин е неповолна за Обвинителството, но и за Собранието. Затоа ги повика пратениците да го поддржат Обвинителството во делот на справување со вакви ситуации.
Прашан од пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кога ќе поднесе оставка, Јовески рече дека може да го извести дека нема да му го овозможи тоа задоволство.
Фото: МИА