Не ја делам оценката дека Обвинителството постапува селективно и дека подлегнува на политички влијанија. Доколку Обвинителството е под политички влијанија, веројатно немаше да отвори предмети против носители на јавни функции, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
-Јас повеќе пати сум нагласил дека не ја делам таквата оценка и секогаш ја илустрирам со неспорни податоци дека ние во последниве години имаме обвинето потпретседател на Собранието, имаме обвинето генерален секретар во Министерство, имаме покренато постапки против судии и јавни обвинители и против други носители на јавни функции, потенцира Јовески во интервју за МИА.
Посочува дека е свесен сум за перцепцијата во јавноста оти Обвинителството е под влијание на политиката и определени моќници, но, како што додава, цело време се залага и уверен е дека обвинителите сами ги носат своите одлуки без надворешни влијанија.
-Цело време се залагам јавнообвинителските одлуки да се носат во Јавното обвинителство, да не зависат од политиката или од определени финансиски, економски или било какви центри на моќ, нагласува државниот јавен обвинител.
На прашањето зошто кај нас истрагите траат предолго, Јовески вели дека не се согласува со оваа констатацијата, притоа посочувајќи го предметот „Ласкарци“ за кој Обвинителството во рок од три месеци ја заврши истрагата.
-За жал и во тој случај животите ги изгубија повеќе наши граѓани. Ние поднесовме соодветно обвинение, но судската постапка трае подолго време. Информиран сум дека некаде околу 100 рочишта се закажани или одржани, но нема судска одлука, истакна тој.
Според тоа, како што нагласи Јовески, во овој случај вината не треба да ја бараме во Обвинителството, туку да се види во делот на закажувањето и подготвеноста на овие рочишта за да може да се донесе судска одлука.