Зад нас е 2019-та година, година во која Јавното обвинителство беше исправено пред бројни предизвици, година во која покажавме неселктивност во спроведувањето на законите, година во која на политичарите и моќниците им стана јасно дека одлуките не се носат во нечии кабинети туку нив ги носат обвинителите самостојно.
Ова им го порача републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески на обвинителите и на јавноста во своето предновогодишно обраќање.
-Вие колеги ја имате мојата целосна поддршка да не потклекнувате под ничии притисоци, да работите во рамките на вашате надлежност без мешање од страна. Само на овој начин Јавното обвинителство ќе ја постигне својата цел за ефикасност на кривичната правда и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните, рече Јовески.
Тој најави дека поединечно ќе се оценува работата на секој јавен обвинител преку систем за утврдување на резултатите на обвинителите.
-На овој начин ќе се евидентира работата и ќе се детектираат слабостите во работењето на секој јавен обвинител со единствена цел зголемување на ефикасноста во постапувањето, порача Јовески.
Најголем предизвик за јавното обвинителство оваа година било преземањето на предметите од веќе згансатото Специјално јавно обвинителство. Во обраќањето испрати порака дека неопходно е донесување на нов Закон за јавно обвинителство, но нагласи дека мора да биде квалитетен и издржан, а не да биде закон кој ќе биде предмет на политички пресмети.
Јовески се осврна и на критиките кон обвинителството и порача дека работат професионални без никакви притисоци, предметите не ги ставаат под тепих и не обвинуваат без докази.
Досега отвориле четири истражни центри, но сепак побара поддршка од власта во поглед на финансискиот дел.