Јовески ќе ги преземе предметите за кои СЈО ќе се огласи за ненадлежно и ќе ги користи бомбите

by Fokus

Шефот на Републичкото јавно обвинителство, Љубомир Јовески, изјави денеска дека предметите по кои работи СЈО, а за кои ќе се огласи за ненадлежно, ќе бидат преземени од Основното јавно обвинителство.

Јовески додаде и дека ОЈО ќе ги користи прибавените материјали, односно бомбите, како докази прибавени на легален начин. Оваа одлука следи по стручниот колегиум кој вчера заседаваше во Јавното обвинителство.

-Јавното обвинителство ќе ги преземе за понатамошна постапка предметите за кои СЈО ќе се огласи за ненадлежно. ЈО во постапувањето по предметите ќе ги користи доказите и прибавените материјали како докази прибавени на легален начин – рече Јовески.

Запрашан поконкретно за бомбите, тој додаде:

-Јавното обвинителство сите докази обезбедени во дотогашниот тек на постапката смета дека се обезбедени во законска постапка и се легални. Затоа ќе настојува да ги користи во понатамошната постапка – додаде Јовески.

Тој појасни дека кога СЈО ќе утврди дека е ненадлежно за некој предмет, тогаш Јавното обвинителство ќе го преземе тој предмет.

Јовески уште еднаш ја искритикува одлуката на Врховниот суд велејќи дека нема основ да дава начелно мислење кога не постои различна примена на правото во судската пракса.

Тој додаде дека сепак начелното мислење не е дефинитивно, односно дадено еднаш засекогаш и дека е подложено на менување. Освен тоа стручниот колегиум на ОЈО донело одлука и да побара од Собранието автентично толкување на членот од Законот за кој Врховниот суд даде начелно мислење.

М.В.

Поврзани новости