Јовески: Камчев беше соработник на правдата за еден дел од „Империја“

by fokus

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за неделникот „Фокус“ зборува и за спогодбите кои беа склучени за случајот „Империја“. Вели дека забелешките на дел од јавноста дека затворските казни се премали, се резултат на тоа што доволно добро не објасниле што претставуваат спогодбите. Додава и дека не може да се прави споредба со идејата на Катица Јанева случајот да се затвори со спогодби.

– Не може да се прави паралела со 2019 година и „идејата“ на Катица Јанева за спогодување, бидејќи во тој момент ниту биле обезбедени доволни докази за донесување на пресуда, ниту фактичката состојба можела да се утврди за да се започне постапка за спогодување. За да се донесе пресуда по предлог спогодба потребно е да бидат исполнети основите од ЗКП, што тогаш не било случај. Што е поважно? Тогаш таквата „идеја“ за спогодби е резултат на дејствија со кои е извршено кривично дело што се утврди и во кривична постапка пред судот. Во овој предмет „Империја“, треба да се има предвид дека станува збор за дејствија извршени од повеќе лица, правни субјекти и пред повеќе од десетина години, за кои доказите тешко се обезбедуваат и сложеноста на случајот бара значително ангажирање и стручност од јавниот обвинител, во случајот Лиле Стефанова, која постапуваше по овој предмет. Да повторам, со пресудите обвинетите се огласени за виновни за кривичните дела, утврдено е кривичното дело што го извршиле, на некои им се изречени и казни затвор, конфискуван е имот за кој се докажа дека е стекнат незаконски, вели Јовески.

На прашањето пак зошто бизнисменот Орце Камчев доби значително пониска казна и плати помала отштета на државата од Сашо Мијалков, кога за време на истрагата и двајцата беа на врвот на „Империјата“, Јовески вели:

-Тоа е уште едно прашање за кое има потреба од поконкретно појаснување. Двајцата беа обвинети за различни кривични дела за кои и пропишаните казни затвор се разликуваат. Што се однесува до паричниот дел, Орце Камчев беше обвинет за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ со која нанел штета на буџетот. Покрај затворската казна, тој како услов за да влезе во постапка за спогодување, мораше најпрвин да ја надомести штетата од 5,2 милиони евра што ја нанел по основ на затаен данок во 2004 и 2005 година со фирмата „Орка холдинг“.

Сумата која ја плати Камчев на државната сметка произлегува од вештачењето кое го изготивиле професори од Економскиот факултет.
На обвинетиот Сашо Мијалков на товар му се ставаа две кривични дела, „Злосторничко здружување“ и „Противправно стекнување имот“. Тука воопшто не станува збор за отштета кон државата исплатена за да се издејствува намалување на казната, како што беше претставено во јавноста. Станува збор за конфискација на имот за кој јавниот обвинител докажа дека потекнува од кривични дела. За секое обвинето лице, според основите определени во законт се врши индивидуализација на казната. Во тие околности, покрај признанието на вина, надоместувањето на штета пред спогодбата, за Камчев, олеснителна околност е дека за еден дел од истрагата тој беше соработник на правдата, што е од суштествено значење за утврдување на определени решавачки факти, вели Јовески.

Целото интервју можете да го прочитате во новиот број на „Фокус“, кој можете да го купите и во електронски формат на овој линк

Поврзани новости