Обвинителката Фатиме Фетаи изминатава недела, по завршниот збор за случајот „Монструм“, е подложена на постојан притисок и јавен линч на социјалните мрежи, но и во дел од медиумите. Коментари со навредлива содржина и денеска и беа упатени на протестот кој го организираа семејствата и поддржувачи на обвинетите за петкратното убиство.
Затоа го прашавме републичкиот јавен обвинител Љубоми Јовески дали можеби е загрозена безбедноста на обвинителката Фетаи?
-Ја следиме ситуацијата и засега нема потреба за физичко обезбедување на обвинителката Фатиме Фетаи, изјави обвинител Јовески за „Фокус“.
За петкратното убиство, што се случи кај Смиљковското Езеро, на 12 април 2012 година, беа обвинети Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири веднаш избегаа на Косово и досега не се екстрадирани.
По првото судење, петмина од групата добија доживотна казна затвор, но Врховниот суд ја укина пресудата во 2017 година. Случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток, но и по повторената постапка обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски останаа на позицијата дека обвинетите го сториле делото, со исклучок на Сами Љута, за кој го повлекоа обвинението и побараа ослободителна пресуда. Обвинителите побара доживотен затвор за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ за делото тероризам и долгогодишни казни затвор за Фејзи и Хаки Азири, кои се обвинети за помагање во петкратното убиство.
В.В.