Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска се сретна со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, за да одлучат за иднината на голем број истраги и предистраги на СЈО, по вчерашната одлука на Врховниот суд.
-На состанокот стана збор за Начелното правно мислење донесено на општа седница на Врховниот суд на Република Македонија со кое е утврдено дека „Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност…”
На средбата беа разгледани состојбите и можностите за натамошно постапување по предметите по кои постапува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во тој контекст, Јовески и Јанева се согласија дека постапувањето по овие предмети ќе продолжи согласно позитивните законски прописи, се вели во соопштението.
Бидејќи од информацијата не е јасно дали предметите ќе продолжи да ги води СЈО или редовното обвинителство, побаравме појаснување. Според неофицијалните информации на Фокус, засега ќе се чека сигнал од Кривичниот суд, од кој потоа ќе се раководат. Поточно наредните денови адвокатот на Сашо Мијалков ќе поднесе барање за укинување на куќниот притвор, поради мислењето на Врховниот суд, дека СЈО меѓу другото, нема надлежност врз случајот Империја.
Одлуката на Кривичниот суд ќе ги насочи обвинителите како да постапуваат. Ако притворот биде укинат, ќе се прави план како редовното обвинителство да ги превземе „спорните“ истраги.
В.В.