Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека ги следи сите написи поврзани со случајот „Рекет“, но смета дека без конкретен доказ или имиња, информациите остануваат на ниво на шпекулација, пишува АлсатМ.
Вчера, порталот „Вечер“ објави дека Боjан Јовановски наводно во исказ пред обвинителката Вилма Русковска кажал дека парите од рекетот ги предал на луѓе блиски до Зоран Заев, но демантот за такво сведочење стигна лично од обвинителката која рече дека Боки 13 во исказот што го дал пред Нова Година не спомнал ниту едно име.
По „Вечер“, и новинарот Бранко Героски во колумна, без да прецизира имиња, најави дека ако обвинетите „пропеат“, ќе се дознаело за поврзаност во „Рекет“ на уште пет луѓе блиски до власта.
Републичкиот обвинител за АлсатМ Јовески ги повикува сите што имаат каков било доказ да го достават.
-Обвинителството уште еднаш нагласува дека не располагаме со други податоци, за други имиња инволвирани во ‘Рекет’. Доколку некој друг располага нека ги достави до обвинителството за да постапува. Ги имаме предвид сите написи, но доколку некој посочи конкретен доказ, документ, ни сето тоа ќе го прибавиме и ќе постапуваме. Предметот се води неселективно – рече Љубомир Јовески – републички јавен обвинител.
Јовески ги отфрла како шпекулации и тврдењата дека Боки 13 барал да го спроведат кај него за да сподели доверливи информации. Републичкиот обвинител вели дека Боки 13 досега му се обратил со писмен допис само еднаш, во кој се жалел на лошата здравствена состојба.
Таква средба не барал. Бојан Јовановски сега е во судница и доколку сака, има факти или околности сите може да ги изнесе јавно и на судско рочиште – изјави Љубомир Јовески – републички јавен обвинител.
Судскиот процес за „Рекет“ е во тек за обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, откако Зоран Милевски веќе призна вина и доби три години затвор. Пред два дена поднесено е обвинение и против Меѓународниот сојуз како правно лице. И во овој случај првообвинет е повторно Бојан Јовановски, кој како претседател на организацијата се товари за измама и за перење пари. Обвинението ги опфаќа како помагачи во измамата и пратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на Сојузот, како и асистентката на Боки 13, Христина Блажевска. За помагање во делото перење пари, покрај Мандиќ и Блажевска, обвинет е и таткото на Боки 13, Миле Јовановски. За ова обвинение, пратеничката Ременски реагираше дека целта била нејзина политичка елиминација.