Долгото траење на постапките не ја обезбедува правдата и со право се вели дека бавната правда, често е и неправда. Граѓаните со право бараат брза и ефикасна правда. Не смее да се дозволи, по одржани повеќе од 100 рочишта во конкретен предмет во кој има и човечки жртви, да не се донесе одлука, истакна Јавниот обвинител, Љубомир Јовески во синоќешното обраќање на свечениот настан по повод 15-годишнината од создавањето на Академијата за судии и јавни обвинители.
Додава дека на оние судии и обвинители кои се раководат од други интереси, а не од професионалните, не им е место во нашите редови.
-Сум ја вршел судската сега и обвинителската функција и затоа можам да кажам дека и чест и гордост, но и голема одговорност е да си обвинител или судија. Јавната доверба во правосудниот систем и во моралниот авторитет и интегритет на обвинителите и судиите е од голема важност во демократското општество. Мора да се работи независно, врз основа на доказите и фактите во постапката, без надворешн влијанија, предубедувања, притисоци, закани или мешања“, апелираше Јовески, додавајќи дека правосудните реформи не смеат да бидат само на хартија.
Според него, Академијата за судии и јавни обвинители е пред постојан и сериозен предизвик да едуцира и да подготви искусни и со интегритет обвинители и судии, кои нема да го користат и злоупотребуваат правото, туку ќе обезбедат негово владеење и ќе го гарантираат основниот уставен постулат за еднаквост на граѓаните. „Реформите во правосудниот систем не би биле одржливи без соодветно подготвени професионални кадри. Во почетната и континуираната обука што се одвива во рамките на Академијата треба да се применат најдобрите европски практики, а особено внимание да се посвети на зајакнување на интегритетот на јавните обвинители и судиите и на обучување на теми поврзани со спречување и борба против корупцијата“, рече државниот јавен обвинител.
Почесни обраќања на свечениот настан имаа и Претседателот, Стево Пендаровски, министерот за правда Бојан Маричиќ, претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски и заменик претседателот на Судскиот совет Селим Адеми.
Притоа беше истакнато дека Академијата за судии и јавни обвинители има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри, како единствена гаранција дека во правосудството ќе влезат најдобрите.