Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска испрати порака до обвинителите кои во понеделник треба да гласаат за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-На 7 ноември се спроведува гласањето за избор на основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За првпат, согласно новиот Закон за јавното обвинителство, изборот за основен јавен обвинител на тоа обвинителство се врши со гласање на сите јавни обвинители во државата.
Сметам дека ваквиот начин на избор дава можност директно со вашиот глас да влијаете за подобрување на состојбите во Јавното обвинителство, вели Јовески.
Тој додава дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е важен дел од обвинителската структура, а функцијата прв човек на ова обвинителство е моќна, но и многу одговорна.
-За изборот се пријавија четворица јавни обвинители. Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Верувам дека секој од вас поединечно ќе знае да го направи вистинскиот избор, а сите заедно како јавни обвинители ќе покажеме дека имаме јасна цел за независна и силна јавнообвинителска организација, им порача Јовески на своите колеги.