Професорот Јове Кекеновски ќе поднесе иницијатива пред Уставниот суд за оспорување на уставноста на Законот за употреба на јазиците. Во иницијативата Кекеновски ја оспорува содржината на Законот, но и постапката со која беше донесен. Како што вели тој, најспорен е начинот на кој што Законот беше изгласан.
Како еден од аргументите дека Законот е противуставен тој го наведува и тоа што законското решение беше објавено во Службен весник без потпис на претседателот Ѓорге Иванов.
Кекеновски за „Фокус“ вели дека е на пат кон Уставниот суд за да ја поднесе иницијативата.
-Законот е во спротивност со повеќе членови од Уставот. Најспорно е тоа што требаше да се донесе со двотретинско мнозинство, а не 69 пратеник. Во спротивност е со темелните вредности на Уставот, неуставен е затоа што не се запазени деловничките одредби, затоа што не се земени забелешките на претседателот и затоа што не е пристапено кон разгледување на поднесени амандмани. И содржината и постапката на донесување се спротивни на Уставот – вели Кекеновски.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат иницијатива пред Уставниот суд за конкретниот Закон, кој во Службен весник беше објавен само со потпис на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Ова се наведува како најголемо прекршување на Уставот, затоа што постои случај од 1997 година кога Уставниот суд поништил Закон затоа што не бил потпишан од тогашниот претседател, Киро Глигоров.