Речиси 1,3 милиони евра им должи ЈСП на приватните превозници кои со денови ја блокираат метрополата, барајќи да им се исплатат парите.
Оваа информација за „Фокус“ ја потврди и директорот на приватниот автобуски превозник, „Слобода Превоз“,Ленин Јовановски. Според него, август, септември, октомври и ноември се месеците за кои тие не добиле исплата, па од таа причина почнаа со секојдневни блокади.
Додека Град Скопје, под водство на актуелната градоначалничка Данела Арсовска и приватните превозници се натегаат, метрополата е во тотален хоас. На сите страни има сообраќаен метеж, граѓаните додека да стигнат од едно место до друго патуваат и по два саати, а од ден в ден револтот станува се поголем.
Јовановски тврди дека немат намера да прекинат со блокадите, дури планираат и да ги блокираат најфреквентните сообраќајници во гклавниот град.
„Откако не бевме примени на средба во Град Скопје, по извесно време ги отстранивме автобусите од „Илинденска”. Ако нема некој договор во меѓувреме овие два дена, од понеделник почнувајќи од шест часот наутро ќе има повторно блокади.
Тие ќе бидат кај крстосниците пред Т.Ц. Мавровка, кај Црвен Крст, и, како што кажа, ќе биде блокиран и целиот дел пред градското Собрание на „Илинденска”, истакна Јовановски.
Од друга страна, од Град Скопје најавија дека од следната недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.
Арсовска овие денови не се појавува во јавноста, но последно што им порача е дека нема да дозволи никој да ја уценува.
Препукувањата на релација Јовановски и Арсовска во одреден момент преминаа и на лична основа.
И.М.