Бојан Јовановски, познат како Боки-13 денеска се појави во Апелациониот суд во Скопје на седницата закажана во врска со предметот „Меѓународен сојуз“, во кој тој е првообвинет и за кој Основниот кривичен суд го осуди на девет години затвор.
Поради неговата лоша здравствена состојба, Кривичен неодамна донесе одлука за прекин на издржувањето на затворската казна, па сега Јовановски се брани од слобода.
Тој денеска пред судот изјави дека му била констатирана „интенстинална метаплазија“ на желудник и дел од тенките црева.
– Со оваа здравствена состојба не бев и не сум во состојба да бидам во затворот каде ја издржував казната на која бев правосилно осуден и поради тоа сум пуштен на домашно лекување односно на прекин на издржување казната затвор. Со себе носам цела терапија за да функционирам, покрај тоа што имам сериозен хигиено-диететски режим кој изискува посебна храна за да функционирам. Имам проблеми од органски карактер, рече Јовановски.
Тој појасни дека нема физички проблем, туку станува збор за органско заболување.
– Јас сум со траен инвалидитет, кој не е од физичка природа или со физички деформитет, туку станува збор за состојба која не може да се промени. Имам сериозна терапија која ја примам, сериозен и строг режим кој морам да го практикувам секој ден. Тоа не значи дека имам проблем со движење, но имам моменти кога морам да мирувам, да се придржувам кон тоа, рече Јовановски.
Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година. Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд – Скопје определи вкупно 14 години затвор за обвинетите и тоа единствена казна затвор во траење од девет години на првообвинетиот Бојан Јовановски за „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.