Јовановска: И покрај кризата дневно беа регистрирани помеѓу 4.000 и 5.000 слободни работни места

by fokus

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска во интервју за МИА вели дека бројот на невработени во март и април бележи зголемување што беше очекувано, но оти охрабруваат податоците за објавените слободни работни места од страна на работодавачите.

-Во извештајниот период и покрај вонредната состојба заради справување со кризата предизвикана од пандемијата со COVID 19, работодавачите огласуваа потреба од работници за различни занимања и дневно беа регистрирани помеѓу 4000 и 5000 слободни работни места, вели Јовановска и додава дека во  Агенцијата за вработување, преку условите и поволностите што ги предвидуваат во активните програми и мерки за вработување, ги охрабруваат и поттикнуваат дури и лицата од неформалниот сектор да го формализираат своето работење.

Евиденцијата на Агенцијата за вработување покажува дека во земјава невработени лица се 114.762. До пред кризата предизвикана од коронавирусот таа бројка се намалуваше сега од март, заклучно со крајот на април има зголемување на бројот на невработени. Какви се вашите очекувања кога таа бројка повторно ќе почне да се намалува?

Бројот на невработените лица кои согласно законските прописи се евидентираат во Агенцијата за вработување, во изминатите месеци март и април бележи зголемување, што беше и очекувано, со оглед на целокупната состојба во светот предизвикана од пандемијата на вирусот COVID 19.  За справување со кризата, Владата донесе пакет економски мерки со цел да се помогне на стопанството и да се сочуваат колку што може повеќе работните места на граѓаните. Во изминатите три години како резултат на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработување насочени кон отворање на нови работни места, вклучително и  активните програми и мерки за вработување кои ги реализира Агенцијата за вработување, се забележа континуирано намалување на невработеноста, за што говорат и официјалните податоци од Државниот завод за статистика. Се надевам дека во најскоро време ќе се стабилизира целокупната состојба и ќе се вратат во нормален тек сите активности, што ќе придонесе до раздвижување на пазарот на трудот и со тоа и намалување на бројот на невработените лица.

Поврзани новости