Какви ќе бидат глобалните економски случувања ќе зависи најмногу од тоа како ќе се одвива војната во Украина. Ако има некакво примирје во скоро време, и економските состојби ќе се подобрат – глобалните цени на нафтата и храната ќе се намалат, инфлацијата ќе се стабилизира, економиите ќе почнат да заздравуваат, вели за „Фокус“ професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
-Но ако војната продолжи, што во моментов се чини дека е пореалната опција, економските состојби дополнително ќе се влошуваат, бидејќи војната генерира инфлација, која пак ја јаде куповната моќ на парите, што понатаму ја забавува економската активност, додава тој.
Според Јовановиќ покрај воната причина за инфлацијата е и затегањето на монетарната политика во САД што ја забавува американската економија, која е најголема светска економија, но и ги крева сите камати насекаде во светот, што исто така има негативни ефекти.
Јовановиќ вели дека и строгите КОВИД рестрикции во Кина, кои ја забавуваат втората најголема светска економија и неминовно имаат штетни ефекти по сите земји во светот.
-Освен од глобалните случувања, работите во голема мера ќе зависат и од домашните економско-социјални политики. Две работи се клучни. Првата е дека владите мора да преземат мерки за стабилизирање на цените, односно за зауздување на инфлацијата, што најдобро се постигнува преку ценовни контроли, т.е. замрзнување на цените, нивно ограничување и сл. Втората е дека владите мора да преземат мерки за да ги заштитат реалните приходи на граѓаните, односно, мерки за раст на платите, пензиите и социјалните трансфери, вели Јовановиќ.
Тој појаснува дека македонската влада и по двете овие прашања почнала релативно добро, кон крајот на минатата година и почетокот на оваа, кога ги замрзна цените на храната и ја покачи минималната плата.
-Но последниве неколку месеци расипа практично сè што постигна претходно. Прво го укина замрзнувањето на цените, по само 3 месеци, а минатата недела ја укина и мерката која ја донесе потоа, за фиксирање на маржите на компаниите и за намалување на даноците кон државата, по само 2 месеца. Со тоа практично им дозволи на супермаркетите да прават што сакаат со цените, што тие максимално го искористија, и ги напумпаа цените до небо, вели Јовановиќ.
Според него освен дебаклот со цените, владата потфрли и со политиките за кревање на приходите на граѓаните.
-Веќе два месеца одбива да ги покачи платите на вработените во јавниот сектор, што всушност е нејзина законска обврска, поради повисоката минимална плата. Со тоа не само што го навлекува револтот на работниците, туку и ја продлабочува економската криза, односно, ја забавува домашната економска активност и ризикува да ја зголеми сиромаштијата, која секако е меѓу највисоките во Европа, заклучува тој.
Соња Танеска