Сите антикризни мерки кои беа носени изминативе години, и кои веројатно ќе се носат пак поради енергетскава криза, бараат пари, а досега тие пари се обезбедуваа преку задолжување, ама сега каматите нагло скокнаа, и државата веќе не може да се задолжува толку лесно и толку поволно, па мора да најде пари преку повисоки даноци, вели за „Фокус“ професорот на Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ.
-Проблемот со оваа реформа не е во тајмингот. Најголемите даночни промени секогаш се правеле за време на најголемите кризи. За време Втората светска војна и Америка и Англија ги покачуваат даночните стапки на најбогатите на 90%. Проблемот со оваа реформа е што таа не е праведна, односно е заснована на даночење на оние кои што немаат, како хонорарците и малите фирми, наместо да се даночат оние кои што имаат, како милионерите и компаниите кои остваруваат милионски профити, додава тој.
Министерството за финансии ја отвори јавната дебата за даночната реформа со која не се зголемуваат даночните стапки, туку се проширува даночната основа. Односно, планот е да се укинат голем број даночни олесувања кои постоеја досега, а и да се воведат нови давачки. Финансии пресметало дека од новите даноци во државната каса би се собрале 54 милиони евра, кој би ја намалиле дупката во буџетот и би се користеле за капитални инвестиции.
-Како реформата би се одразила врз БДП би зависело од тоа како ќе се потрошат парите кои ќе бидат собрани. Досега, јас не слушнав ништо околу ова. Кога го воведувавме прогресивниот данок во 2018, стално кажувавме дека тие пари ќе бидат наменети за сиромашните, односно, за повисока социјална помош. Сега нема ништо такво, и тоа е уште еден голем проблем со реформава. Во таква ситуација, поверојатно е реформава да го намали БДП отколку да го зголеми, затоа што предвидува да се даночи реинвестираната добивка (која досега беше ослободена од даночење), што може да ги намали инвестициите, а преку тоа и БДП, појаснува Јовановиќ.
Според податоците на Народната банка, во македонските банки лежат 7,49 милијарди евра штедни влогови кои имаат просечна каматна стапка на депозити од 0,71%, што значи вкупна добивка од 3,29 милијарди денари. Според најавите од првиот финансиер Фатмир Бесими тие би се даночеле со стапка од 10%. Па така, прибраниот данок на овој каматен износ би изнесувал 329 милиони денари, односно 5,2 милиони евра.
Соња Танеска