Јовановиќ за „Фокус“: Еврото не толку, ама војната во Украина уште повеќе ќе ги „поскапи“ цените

by Fokus

Курсот на еврото во однос на американскиот долар е на најниското ниво во последните две децении, бидејќи на еврозоната ѝ се заканува рецецесија, а поради високата инфлација Европската централна банка (ECБ) наскоро планира да ги зголеми каматните стапки.

-Еврото паѓа, односно доларот расте, затоа што централната банка на САД ја покачи каматата, за  разлика од ЕЦБ, а тоа прави инвеститорите повеќе да инвестираат во американски хартии од вредност (затоа што даваат повисока камата), што го покачува доларот, затоа што расте побарувачката за него, вели за „Фокус“ професорот од Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ.

Според него дополнително е што американската економија е во подобра состојба од европската, затоа што помалку зависат од Русија.

-Посилниот долар не би имал некои големи импликации за Македонија – нашите извоз, увоз и инвестиции се главно со ЕУ (околу 2/3), и денарот е секако врзан за еврото. Може да има минимални ефекти преку повисоките цени на меѓународните пазари (кои се изразуваат во долари), па сега ќе бидат дополнително поскапи, ама и тоа не е многу изразено, цените секако скокаат, додава тој.

Според Јовановиќ можно е да има рецесија кон крајот на годината, или догодина, се повеќе институции и економисти зборуваат за тоа меѓу кои и Меѓународниот монетарен фонд.

– Ако војната продолжи, веројатно ќе има раст на цените, а главната причина за скокот на меѓународните берзи е поради војната и цената на  нафтата, храната, и гасот, и тоа прави инфлација (т.е. повисоки цени) секаде во светот. Повисоките цени значат намалена куповна моќ – ако инфлацијата е 10%, со иста сума на пари можат да се купат 10% помалку производи. На пример, ако лебот е 20 денари, 200 денари купуваат 10 леба, ама ако лебот поскапе 10%, односно стане 22 денари, 200 денари купуваат 9 леба, односно 10% помалку. Тоа значи помала потрошувачка и БДП, појаснува тој.

Освен овој ефект преку цените, Јовановиќ додава дека ќе има и ефекти преку понискиот економски раст во ЕУ бидејќи унијата е  најголемиот трговски партнер и инвеститор во Македонија, околу 2/3 од трговијата и инвестициите се со ЕУ.

-Ако има пад на БДП во ЕУ, ќе се намали и македонскиот извоз, а со тоа и македонскиот БДП. Ќе има и пониски инвестиции од европските компании во Македонија, што исто така ќе влијае, додава тој.

Рецесија во Еврозоната

На глобално ниво, според извешатите  на еврозоната ѝ се заканува рецесија,  токму тоа го кажува и курсот на доларот во однос на еврото.

Во првото тримесечје годинава американската економија падна на квартално ниво, а ниту макроекономските податоци во второто тримесечје не блескаат. Во јули, пак, се очекува натамошно зголемување на каматните стапки.

Во ваквата атмосфера на берзите, на валутниот пазар вредноста на американскиот долар во однос на кошницата други национални валути достигна ново највисоко ниво во 20 години.

Индексот на доларот, која ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 106,46 поени, додека во вторникот во истиот период од денот изнесуваше 105,19 бодови.

Притисокот врз еврото е последица на високата инфлација во еврозоната и забавувањето на растот во националните економии во еврозоната, што, според аналитичарите, води во рецесија.

Соња Танеска

Поврзани новости