Апсолутно е потребно замрзнување или ограничување на цените, и на горивата, и на храната. Без тоа, инфлацијата само ќе расте, вели за „Фокус“ професорот од Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ.
-Хрватска пред некој ден го направи тоа, Србија веќе цела година ги држи замрзнати цените на основните прехранбени производи, Албанија слично, веќе пола година ги контролира цените на храната. Австрија сега реши да ги ограничи цената на гасот и струјата (бидејќи тука тоа е многу поголем проблем од храната), Шпанија и Португалија го направија тоа пред два месеца, Франција уште поодамна. Дури и ниво на цела ЕУ сега се разговара за ограничување на цената на гасот и струјата, додава тој.
Од Владата за „Фокус“ веалт дека за нови ограничувања предлог треба да даде министерството за економија.
Оттаму пак посочуваат дека засега е активна мерката за ограничена маржа на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо која трае до 30 септември, а се однесува за бел леб, шеќер и сончогледово масло и 5 отсто во трговијата на големо и на мало. Додека пак за јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко маржата е 10 отсто.
Исто така тие посочуваат дека има ограничување на извозот на одделни стоки извоз на семе од сончоглед има за цел да се избегне зголемување на цената на сончогледовото масло за јадење,
Од вчера е ограничен извозот и субвенционирана е струјата, а во текот на вчерашниот ден беше ограничена маржата на фирмите кои се бават со трговија на струја на максимални 10 отсто со цел да се заштитат, фирмите, компаниите, индустријата но и стотици јавни претприја од досегашните високи трошоци.
Ограничување ќе има и за крајниот снабдувач ЕВН Снабдување, од кого струја купуваат фирмите и институциите кои воопшто немаат склучено никаков договор за снабдување со струја, така што намешто досегашниие 50 отсто од цената на струјата на унгарската берза „Хупекс“ сега маржата ќе изнесува 20 отсто.
-Ако едно училиште купува струја од слободниот пазар би ја плаќало 440 евра по мегаватчас. Тука влегува 400 евра од „Хупекс“ цената и 40 евра за трговецот. Но бидејќи нема договор, сега училиштето плаќа 600 евра за мегават час – 400 евра од цената на „Хупекс“ и 200 евра како 50 отсто плус за крајниот снабдувач. На крај, разликата е 160 евра која треба да ја плати државата, изјави министерот Крешник Бектеши.
Бектеши кажа и дека дел од јавните институции, општини, основни и средни училишта како и фирми биле премногу пасивни и калкулирале па затоа тие се виновни бидејќи немаат склучено договори за снабдување со електрична енергија и затоа сега ја плаќаат по цена за 50 отсто повисока од онаа на слободнито пазар.
Ограничувањето на маржите беше едно од клучните барања на стопанските комори.
Соња Танеска